Преспанските убавини, мотив на ликовната работилница во Отешево

108

Во текот на денешниот ден се одржа ликовна работилница во прекрасните предели на Преспанското Езеро и во убавините кои што ги нуди Отешево. Околу 20 деца, членови на ликовната секција која работи при Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен, предводена од ликовниот уметник Марија Груевска, кои во изминатата година учеа основни техники во ликовната уметност, заедно со 15-тина членови на здружението на ликовни уметници „Преспа арт“, денес создаваа свои ликовни дела.

– Денес, заедно, ќе се обидеме повторно да ја возвишиме убавината, која ќе биде видена од очите на нашите уметници, учесници на оваа работилница, преточени во дела, односно во уметнички слики. Во текот на целата година, децата ги учеа основите на ликовната уметност, но навистина научија многу. Ова е можност, нивната љубов кон оваа уметност, да ја преточат во видлива слика – рече ликовниот уметник Марија Груевска.

Ликовната уметност не познава граници, посочи директорот на Домот на културата „Драги Тозија, Васко Василевски.

– Преку четката, излегува мислата на ликовниот творец, кој создава водејќи се од својата фантазија, инспирација, мисла. Затоа, денес во прекрасното Отешево, се препуштивме на фантазиите на нашите творци, кои создаваа уметност, преточена на платно.Денешните дела, по нивното создавање, ќе останат како траен белег кој ќе сведочи за оваа заедничка работилница, во Домот на културата „Драги Тозија“ – посочи Василевски.

За јавноста, делата ќе бидат претставени на изложба, која традиционално се одржува во рамките на манифестацијата Денови на Преспанскиот јаболкобер.