Преполна сала за изведбата на „Странци“ на „Охридско лето“

125

Драмски театар од Скопје со театарската претстава „Странци“ од Филипо Болоња, режирана преку современиот пристап на режисерката Нела Витошевиќ синоќа ја наполни салата на фестивалот „Охридско лето“. Актерите на Драмски театар донесоа современа приказна што кореспондира со новото и модерно време. Седуммина пријатели играат игра, споделувајќи ги пораките, разговорите и фотографиите од своите мобилни телефони, како и комуникациите преку социјалните мрежи со што си ги откриваат личните тајни и отвораат болни конфликтни ситуации.

Темата на претставата е актуелна и со неа може да се поврзе секој човек. Зборува за тоа колку технологијата ги окупира нашите животи и нè отуѓува од нашите партнери и од семејства, колку лагата станува поважна од вистината.

Текстот во претставата е по сценариото на италијанскиот филм „Перфектни странци“, а играат: Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски. Драматург на „Странци“ е Викторија Рангелова Петровска, сценограф Константин Трпеноски, костимограф Роза Трајческа Ристовска, а композитор Огнен Анастасовски.

Публиката на „Охридско лето“ не ги штедеше аплаузите за фасцинантната и моќна приказна, која донесе сосема поинаква естетска димензија. За „Странци“, во билетарниците на „Охридско лето“ се бараше карта повеќе.

Во црквата „Света Софија“, пак, прекрасна вечер исполнета со сонати за виолина и пијано приредија германскиот виолинист Руденс Турку и германско-украинската пијанистка Милана Чернјавска. На подиумот во катедралата се чувствуваше големиот креативен занес и романтично расположение на суптилните уметници. Атрактивните дела беа исполнети под силни импресии. Ова дуо вели дека не само делата, туку инспиративен бил и амбиентот во кој настапија.

– Свиревме во прекрасна црква. Публиката имаше можност да ужива во различен репертоар почнувајќи од Соната за пијано бр. 8, оп. 13 од Бетовен, преку Соната за виолина и пијано од Едвард Григ, до Сонатата за виолина и пијано од Антонин Дворжак – вели виолинистот Турку.

Милана Чернјавска се претстави пред публиката на „Охридско лето“ пред две години кога настапи заедно со македонскиот виолинист Џафер Џафери.
– Вторпат сум на фестивалот „Охридско лето“. Фестивалот е одличен, атмосферата е магична, а публиката е секогаш топла – вели пијанистката.

Германската пијанистка со украинско потекло Милана Чернјавска е една од најзначајните пијанисти на денешницата. Со своите извонредни изведувачки способности постојано ги воодушевува слушателите насекаде во светот. Покрај солистичката дејност, Чернјавска често настапува и како камерна музичарка, соработувајќи со извонредни музичари.

Германскиот виолинист Руденс Турку своето деби го доживува во Америка, по што неговата концертна дејност зема замав и тој се појавува во најголемите концертни сали во светот и на најпрестижните музички фестивали во Германија. На овие настапи Турку се прославува како солист и камерен музичар. А.Р.