Премолчено и редуцирано

285

Изложбата „1970-тите и 1980-тите во македонската ликовна уметност“ во МСУ е од големо значење, не само поради преклопувањето на една зрела генерација и новото ликовно навестување туку и поради негувањето на трајните односи кон македонската изворна уметност, која постои како граѓа и како идеја за основање на музејот и неговата функција

Рецензија

Последниот проект под наслов „1970-тите и 1980-тите во македонската ликовна уметност“, поставен во Музејот на современата уметност, куриран од М.Б. Плавевска, претставува ретроспективен поглед на двете најплодни и можеби најзначајни декади во уметничкиот процут на овие простори. И покрај тоа што за седмата и осмата декада се смета дека им припаѓаат на уметниците чие творештво започнува во претходните две децении, а во овој период доживува зрелост во односот кон сликарството и пластичните уметности, сепак крајот на осмата декада ги забележува уметничките проникнувања на идните генерации што неминовно ги менуваат општата слика и курсот на современоста.
Македонската уметност во двете декади создава специфичен творечки амбиент за проблемско пристапување кон апстрактното сликарство, техниката на енформелот, новата фигурација, односот кон предметното и сликарската материја, односот кон скулптурата и нејзиниот монолит и опросторувањето на внатрешноста преку низа деконструктивистички пристапи. Пристапувајќи кон феноменот на просторното обликување и естетското од мноштво различни аспекти, генерацијата што започнува до твори од крајот на 1980-тите го редефинира анцестралниот однос со минатото и традицијата создавајќи едно ново хетерогено поле на интертекстуални медиумски и стилски практики, како синтетизирани или крајно поларизирани индивидуални проникнувања.

Оваа изложба е од големо значење, не само поради преклопувањето на една зрела генерација и новото ликовно навестување туку и поради негувањето на трајните односи кон македонската изворна уметност, која постои како граѓа и како идеја за основање на музејот и неговата функција. Бидејќи поставки од овој карактер не се случуваат често, оттука и ставот не може да биде амбивалентен кога една изложба од ваков значенски габарит се поставува во сенка на две големи тековни изложби, во просторот на атриумското опкружување, затекнат како единствен слободен. Ниту пак може да се избегне неминовното чувство на празнина кога го гледаме компресираниот и скромен приказ на делата што го впишуваат преминот кон 1990-тите.
Приказот содржи дела на селектирани уметници како: Петар Мазев, Ристо Калчевски, Симон Шемов, Душан Перчинков, Томо Шијак, Евгенија Демниевска, Благоја Маневски, Родољуб Анастасов, Станко Павлески, Петре Николоски, Симон Узуновски и други, автори чие место апсолутно е заслужено во овој транзитивен период од модерната кон постмодернизмот и раната современа. Но сепак гледајќи го изложеното, недостигаат неколку клучни опсервации на различните творечки фази кај наведените уметници.

Неприкажувањето на развојната линија кај уметниците и трансформативните разлики помеѓу делата, помеѓу две-три различни творечки периоди (опфатени со по едно дело на оваа изложба) и изборот на некарактеристични дела од творештвото на одделни уметници, можеби укажува на една субјективна, интуитивна, идеалистичка, естетика на погледот. Меѓутоа, се поставува прашањето дали преку акцентот врз прецизно избрани дела може да се согледа естетската динамика на уметноста кај избраните автори. Кај Д. Перчинков преминот кон беспредметното е присутен во сите три негови развојни фази на сликарството (1963-1975), графиката (1975-1985) и графичките мапи (1985-2003), а изложеното дело „Предградие и езеро“ (1970), покажува само еден аспект од еволуцијата на неговите техники и концепти. Изборот на делото на Т. Шијак, и покрај тоа што е претставено на Венецијанското биенале (1978), не ја покажува специфичната иманентност на неговото творештво, како што се мусандрите, неомусандрите и понатаму дозимерите. Кај автори како П. Мазев таа динамика на преминот од една во друга фаза се случува дури и во период од три-четири години во една иста декада. Творештвото од 1970-тите не е исто за одделни фази кај селектираните уметници со она од 1980-тите, односно не може да се сведе на дводецениско обележје како сеопфатно.

На оваа изложба цртежот, графиката и таписеријата се заобиколени, како и некои од неодминливите дела на длумовите уметници што отсекогаш биле маргинализирани во однос на уметниците што ги афирмирал музејот на современата уметност. Раните концептуални и експериментални практики и првите видеа се целосно исклучени, фотографијата е сведена на еден приказ, а не се опфатени акциите и интервенциите во простор (Шемов, Фидановски), т.е. присуството на неоавангардата како показател на првите обиди за деинституционализација на уметноста, за што музејот поседува обемна документација.
Дали функцијата на кураторот треба да биде арбитрарна и посредничка, да ги премолчува и редуцира историските факти? Дали поорганизирано согледување е невозможно или единствено останува онаа бирократска димензија на изложувањето поопфатно да се вклучат другите значајни остварувања во каталогот за изложбата. Како најкомплексна и можеби најобемна тема за обработка, оваа изложба требаше да ги прикаже автентичноста и оригиналноста на уметноста на овие простори како една друга линија од доминантните југословенски, па и светски текови.

И покрај обидите на тогашната југословенска критика да ја прикаже македонската уметност како задоцнета и рефлексивна, стремежот и афинитетот на преобразбите извирал од автентичен творечки полнеж. Сега кога навистина имавме можност да покажеме дека историското впишување на нашата уметност (третирана како уметност од периферијата) има сопствен и специфичен временско-просторен белег и не била само насочена во потрага по универзални матрици, ние воопшто не ја искористивме таа можност да покажеме дека всушност не станува збор за заостанување, туку за децентрализација и отстапување од нормативното. Овој период пред сѐ ги обележува општествените динамики на овие простори, еволуцијата на уметноста низ едно неорганско регионално поднебје, како естетика што ги гради сопствените мерила за евалуација, покажувајќи едно автентично ликовно ткаење, непобитност што не би требало да се тривијализира и минимизира.

Натали Р. Павлеска