Премиера на претставата „Професионалец“ на кавадаречкиот театар

82

Вечерва со почеток во 20 часот на сцената во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ се случува премиерата на најновата театарска претстава на кавадарелкиот театар „Професионалец“ во режија на и адаптација на Ненад Витанов од Велес како гостин. Претставата е работена на текст на познатиот драматургот Душан Ковачевиќ а во неа играат Диме Коцевски, Александар Малинков и Диме Боцев.

– „Професионалец“ е претстава работена по текст на големиот српски но и светски драмски писател Душан Ковачевиќ. Самата претстава зборува за вековната мудрост – во секое добро има малку зло и во секое зло има по малку добро. Неправдата е присутна како константа во сите системи и општествени уредувања, а колку повеќе општествени норми има, толку помалку човечност постои – вели режисерот Ненад Витанов.

Според Витанов, оваа приказна на топол и емотивен начин ни претставува двајца луѓе кои се „осудени“ еден на друг.

– Задовослтвото да се игра текст, на според мене еден од најдобрите модерни драмски писатели во Европа е огромно, но исто така и честа и обврската што ја носи овој култен драмски текст на Душан Ковачевиќ. Јас играм лик кој целиот свој живот се борел за принципите и идеалите во кои длабоко верувал и кој свесно буквално целиот свој живот ја ставал главата во торба токму за тие идеали. Но, како што е познато револуцијата „ги јаде“ своите синови скоро секогаш па и ликот кој јас го толкувам не е исклучок. Во оваа мелодрама емоциите се пред сѐ, пред материјалното, пред бруталноста која ја носи животот и на крај и пред самата приказна во ремек делото „Професионалец“ – изјави актерот Диме Коцевски.

Претставата „Професионалец“ на репертор ќе биде во понеделник и вторник на 16. и 17. декември.

Ми.М.