Премиера на „Глембаеви, уште една Легенда“ во Прилеп

88

„Глембаеви, уште една Легенда“ варијација на драмата на Мирослав Крлежа, во режија на Бранко Брезовец, e македонско-хрватскиот проект што премиерно ќе го прикаже театарот „Војдан Чернодрински“, вечерва, од 20 часот. Проектот настанува како финален резултат на долгогодишното интересирање на хрватскиот режисер Бранко Брезовец за драмата „Господа Глембаеви“ на Мирослав Крлежа, која тој досега трипати ја има поставено на сцена и тоа во Риека, Загреб и Прилеп.

Театарот „Војдан Чернодрински“ ја работи претставата во соработка со продуцентската куќа „Еуроказ“ од Загреб. Ансамблот го сочинуваат професионални прилепски актери (осум актери) и актери од Загреб, соработници на „Еуроказ“ (петмина актери, претежно слободни уметници).

– Преплетувањето на живите ликови и нивните сеништа во радикално паралелен мизансцен и паралелен декор ќе појдат кон освестување на оние генијални пукнатини, кои, според Уберсфелд, се одлика на секоја голема драма, а чија нелогичност писателот суверено ја прикрива со абдукција на ритамот и гледната точка. Со таа испреплетеност би трeбало да блесне можноста на матните односи на ликовите, кои драмата на Крлежа не ги дофаќа, но милостиво ги нуди на увид. „Глембаеви, уште една Легенда“ ја поместува драмата на Крлежа од хоризонтот на мотивациска ибзеновштина и ја приближува кон стринберговската приватна симболика на Патот за Дамаск. Тоа е драматуршка операција со многу малку трошок и агресија, само благодарејќи на супериорната љубезност на таа голема драма. За Брезовец, Глембаеви не е драма на критика и актуализација на митското лице на тајкунизацијата. Глембаеви е драма за спасот, за цената на неговата темпоралност – се вели за претставата.

Композитор е Никола Мицевски, сценографка Ивана Кнез, костимографка Сузана Брезовец.