Преку преводите балканската литература станува глобална

78

Исмаил Кадаре по повод наградата „Прозарт“

Среќен сум што имам можност да ја изразам мојата благодарност до претседателот на жирито Ермис Лафазановски, уметничкиот директор на фестивалот Александар Прокопиев и до директорот на фестивалот Дејан Трајкоски, вели лауреатот на наградата за особен авторски придонес во балканската литература, големиот писател Исмаил Кадаре, во своето обраќање.

– Се натажив што нема да можам да ја прифатам поканата на фестивалот за лично да ја примам наградата што љубезно ми ја доделивте, но, поради моменталната пандемија, се надевам дека ова писмо на благодарност од далечина е доволно. Се разбира дека ми е особено важно дека наградата „Прозарт“ ја величи литература од Балканот и почестен сум што влегувам во друштво на досегашните лауреати на ова признание. Читателите на моите дела може првично ме сметаат за албански писател, и тоа е прилично разумно. Тие можеби ме сметаат и за автор што истражува извесни настани во историјата, кои не се важни само за балканскиот регион – Шекспир, грчката трагедија, Втората светска војна, аферата Пастернак – вели Кадаре.
Според него, можеби, сепак, само читателите на Балканот се тие што можат најдобро да проценат како неговите дела комуницираат со прашања за регионалниот идентитет, историја, топографија и сл.

– Можеби, исто така, еден албански читател или кинески читател би почувствувал одредена врска со мојот роман „Концертот“, кој го истражува, меѓу другото, ненадејното заладување на кинеско-албанските односи, нешто што австралиски или аргентински читател не може да го почувствуваат така, а истовремено тој албански и кинески читател можеби нема да го памети периодот во кој се случиле настаните или дури и не бил роден во тоа време. Го кажувам сево ова за да нагласам дека награда што ја слави литературата на Балканот е многу добредојдено признание од истакнати литературни творци, на што сум горд што можам да дадам придонес – вели големиот писател.

Тој додава и дека литературата на Балканот е глобална литература, затоа што толку многу балкански автори, вклучувајќи го и него, се читаат од превод.
– Уште повеќе, нашите регионални прашања се глобални прашања, каде, на пример, завршува Европа? Не станува збор за прашање на кое литературата, од Балканот или која било друга, може да одговори дефинитивно, но е прашање на кое литературата и историјата се покажале фасцинантни. За Виа Егнатиа пишував во романот „Трострелниот мост“, па литературата, како и мостот во романот, може да ги артикулира човечките амбиции и човечките слабости преку јазиците и низ времето. Се надевам дека читателите ќе ја искористат можноста да нурнат во литературата во овие непријатни моменти. Јас, во овој деликатен контекст на сегашното време, сум многу благодарен што сум повикан да ја прифатам оваа награда – го завршува своето обраќање писателот.