„Првиот грев – првата доблест“ е тема на 18-от Зимски салон

35

„Првиот грев – првата доблест“ е насловот на претстојниот 18-от Зимски салон, кој во организација на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) ќе биде одржан во галеријата „Чифте-амам“ на 3 февруари 2020 година. Куратор и селектор на оваа традиционална биенална изложба ќе биде историчарот на уметноста, Кирил Пенушлиски, а заинтересираните уметници за учество ќе можат да ги испраќаат делата за учество во ДЛУМ до крајот на декември. Наградата гран при на добитникот му овозможува двомесечен престој во македонското ателје во „Сите де артс“ во Париз.

Уметникот Христијан Санев е автор на дизајнот на плакатот и на каталогот. Кураторот Кирил Пенушлиски на одржаната прес-конференција деновиве посочи дека уметниците учесници, во нивните дела ќе можат да истражуваат различни аспекти на зададената тема како библиска конотација на првиот грев, гревот на модерното општество. За претседателот на ДЛУМ, Филип Фидановски, изборот на македонски куратор и селектор овој пат е во знакот на одбележување 18 години полнолетност на биеналната ликовна изложба.