Прва самостојна изложба на Ѓорѓи Динев во МКЦ

135

Вечерва со почеток од 20 часот во Галеријата на МКЦ ќе се отвори првата самостојна изложба на Ѓорѓи Динев под наслов „2019“.

– Уметничката приказна прикажана од Ѓорѓи Динев не завршува со визуелни вредности. Тој го придвижува протокот на неговите мисли. Гледачот ќе отплови во нов свет, во космичките простори. Со воспоставување на оригинална врска со сликата, ја чувствува нејзината „светлина“, моќ и енергија. Креативните напори на Ѓорѓи Динев се уникатни, домородни. Ова се слики што комбинираат важни елементи на сликарството: енергија што дава живот, порака, простор што се отвора на сите страни и бои што имаат квалитативна вредност на пораката. Со нив, авторот создава кохерентни, сочувани и сеопфатни визуелни записи. Ѓорѓи Динев во креативната екстаза, води енергија од „бесконечност“ до самото поле на слики. Притоа, тој се бара и бара од себеси! Во овие слики со својствена филозофија тече млада моќ, вера и нова надеж – ќе каже Горјан Ѓорѓиев за Ѓорѓи Динев.

Динев Ѓорги е роден на 27.02.1994 во Струмица. Средно образование завршил во ДСУЛУД „Лазар Личеноски” во Скопје, на оддел графика. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, оддел графика, во класата на проф. м-р Мирко Вујисиќ. Добитник е на наградата за студентска графика „Драгутин Аврамовски – ГУТЕ” – 2017.

Изложбата ќе трае до крајот на годината.