Прва награда за Кокан Димушевски на биеналето Тактонс

57

На седумнаесеттото по ред културно меѓународно биенале Тактонс, најважниот настан за тон-мајсторите од регионот, македонскиот композитор, продуцент и клавијатурист Кокан Димушевски повторно е добитник на првата награда, во конкуренција од преку 120 врвни изведувачи.

Во организација на Радио-телевизизија Војводина, од 6 до 9 ноември учествуваа најзначајните РТВ-центри од Европа, најдобрите тон-мајстори со своите тонски снимки. Кокан Димушевски го покажа своето повеќедимензионално творештво како тон-мајстор, автор на дело и изведувач.

Оваа награда за него е петта по ред, односно во изминатите 10 години тој во континуитет е добитник на прва награда или гранд при ова значајно музичко случување. Тактонс се одржува од 1983 година. На секои две години им овозможува на најуспешните тон-мајстори од Европа професионално вреднување на техничкиот квалитет на звучните записи врз основа на однапред единствено дефинираните субјективни и објективни параметри.

Како најнаградуван продуцент, Димушевски беше поканет да одржи работилница и да ги презентира своите достигнувања на полето на креативната примена на современите технологии во областа на радиото и телевизијата. Успехот на овој сестран музичар го вреднуваа и Би-би-си и Радио Франција, кои му доделија плакети за неговите заслуги на полето на радиофонското обликување.

Претходно годинава, Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ на Кокан Димушевски му ја додели и наградата за животно дело „Трајко Прокопиев“. Истата претставува највисоко професионално признание кое СОКОМ го доделува на музички творци и музички писатели за долгогодишни значајни остварувања во областа на музичкото творештво и музикологијата.