Прва грчко-македонско филмска копродукција

285

Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – „Еуримаж“ ја поддржа и првата грчко-македонска филмска копродукција „Зад стоговите сено“ (Behind the Haystacks) во режија на младата грчка режисерка Асимина Проедроу.

Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, национален претставник на Македонија во „Еуримаж“, која редовно учествува во работата на Фондот, учествуваше на последната сесија на европскиот филмски фонд „Еуримаж“, чиј календарски термин беше 22-27 јуни 2020 година, а на која се евалуираа 56 копродукциски филмски проекти, од кои само 26 добија финансиска поддршка од Фондот.

Еден од проектите што ја доби поддршката е и „Зад стоговите сено“ (Behind the Haystacks), копродукција меѓу Грција и Германија, каде што како копродуцент заедно со носителот од грчката страна е и македонската продуцентска куќа „Сектор филм“ од Скопје. Ова е прв филмски проект меѓу продуцентите од Грција и Македонија во соработка со Германија, кој доби финансиска поддршка од „Еуримаж“.

– Од финансиски аспект, копродукцијата не е потврдена од македонската страна бидејќи Агенцијата за филм на РСМ сѐ уште не ги објавила резултатите од јануарскиот конкурс за 2020 година. И покрај тоа, овој проект беше поддржан од претставниците на сите држави членки на ‘Еуримаж’ – изјави националниот претставник на Република Северна Македонија во „Еуримаж“, Татјана Ќурчинска-Пепељугоска.

На претходната мартовска сесија „Еуримаж“ додели грант на македонскиот проект „Преекспонирано“, во режија на Елеонора Венинова, копродукција меѓу Македонија и Србија. Се очекува македонските продуценти и филмски работници да станат поприсутни во европските копродукции кога на 1.10.2020 година ќе стапи во сила ревидираната Европска конвенција за кинематографска копродукција поради многуте олеснувања што таа ги пропишува. Со оваа Конвенција македонските филмски работници ќе може да учествуваат со најмалку 5 проценти во меѓународните мултилателарни филмски копродукциии и со 10 отсто во билатералните копродукции наместо како што беше досегашна пракса, да учествуваат со најмалку 10, односно 20 проценти.