Првата награда за „Ѕвездата“ од Михајло Свидерски

172

Фондот на холокаустот на Евреите на Македонија ги објави резултатите од првиот литературен конкурс „Раскажувам фотографија“. Првата награда му е доделена на расказот „Ѕвездата“ од Михајло Свидерски, за драматиката на текстот набиен со внатрешен интензитет и остварена со врвна книжевна едноставност. Втората награда му е доделена на расказот „Ја вјени диес“ на авторката Светлана Папачек, за мошне сугестивно раскажаната трагична приказна, при што книжевниот сентимент не преминува во патетичност, а третата награда ја доби расказот „Метларот“ на Габриела Стојаноска-Станоеска, за квалитетното литераризирање и на еден мотив (и професија), кој израснува во крупна драматична метафора.
– Првиот конкурс за раскази посветени на мотиви од предвоениот живот и страдањето на македонските Евреи се потврди како исклучително успешен.

На конкурсот пристигнаа 138 литературни творби. Меѓу нив, најголем дел солидно напишани прози, со исклучок на творби што не го погодија овој жанровски образец (расказот) изразени било како историски осврти или како своевидни есеи. Интересно е дека во тој богат одѕив на пријателите и почитувачите на нашата установа, која ги негува сеќавањата на еден отсечно, насилно исчезнат, некогаш вонредно живописен етнос, со оригинална јазична, фолклорна и религиозна култура, со векови составен дел на богатата македонска мултикултура, повеќе автори се најдоа мотивирани да се јавуваат и со два или повеќе прилози – велат од Фондот на холокаустот на Евреите на Македонија.

Тричленото жири, во состав Жаклина Мучева, претседателка на жирито, Гордана Ивановска-Велковска и Томислав Османли, членови, последниве три месеци беше пред одговорната задача да ги издвои најпрво книжевно квалитетните, потоа и најсолидните меѓу нив. Жирито го истакна и учеството на авторот Антонио Стојановски, кому му додели специјално признание за тоа негово обемно и посветено учество, а особено ги истакна и финалистите: Владимир Плавевски за расказот „Риболовци“, Билјана Лотеска за расказот „Недопеана песна“, Цвете Јовановска за расказот „Хана, девојчето со сини очи – Патување без враќање“ и Александра Ристовски за расказот „Мојот мост“.