Празник на Европа во Преспа

178
Мариа До Сеу Гера

Седумнаесетото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа 2019“ ќе започне со свеченото прогласување на култната актерка Мариа До Сеу Гера од Португалија како добитник на престижното меѓународно признание „Актер на Европа 2019“.

Фестивалот „Актерот на Европа“, традиционално се одржува од 6 до 11 јули на бреговите на Преспанското Езеро. Како што е познато, овој фестивал започна летото во 2003 година, кога Европскиот парламент го прогласи Препанското Езеро за меѓуграничен европски парк, меѓу Македонија, Грција и Албанија.

Марија До Сеу Гера која ќе ја прими наградата на 6 јули во 21 часот во предворјето на Сарајот во Ресен, со своето име ќе се вгради во европската меморија на Балканот, покрај имињата на досегашните добитници, како што се Љуба Тадиќ (Србија), Јон Карамиитру (Романија), Милена Зупанчич (Словенија), Ана Патресон (Шведска), Марсел Бозоне (Франција), Раде Шербеџија (Хрватска), Брус Мејерс (Велика Британија), Селма Алиспахиќ (БиХ) итн.

По овој повод, министерката за култура на Португалија Граса Фонсека, во официјално коминике, што беше објавено во голем број медиуми, го истакна значењето на признанието на Мариа До Сеу Гера, како врвна валоризација на нејзината уметничка одисеја и подвлече дека фестивалот „Актерот на Европа“ станува вистинска референца на европската театарска сцена.

Интересно е да се одбележи дека во 17-годишното постоење на фестивалот има околу 200 библиографски единици во најпознатите европски новински медиуми како „Фигаро“, „Монд“, „Гардијан“ итн., а истовремено Министерството за култура на Р. Македонија, веќе две години не ја поддржува единствената интернационална манифестација на бреговите на Преспанското езеро.

Традиционалната Голема повелба „Балканот – Срцето на Европа“ оваа година е доделена на грчкиот публицист и издавач Ставрос Ѕимас, познатиот албански режисер и еден од основачите на „Academia Balkanica Europeana“, Кујтим Чашку и на првиот претседател на Собранието на Република Македонија, писател и публицист, Стојан Андов, за неговите Одбрани дела во десет тома, во издание на Матица македонска.

На истата церемонија, признанијата Клучевите на Преспа ќе ги добијат проф. д-р Агим Полјоска, од Филолошкиот факултет Скопје и бугарскиот поет Захари Иванов.

Фестивалот свечено ќе биде отворен со стиховите од класиците на македонскта, грчката и албанската поезија, а потоа ќе следуваат поздравните говори на Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски, Почесниот претседател на фестивалот Бранислав Мичуновиќ-Жага, Претседателот на интернационалното жири Мето Јовановски и Ректотот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности Јордан Плевнеш.

Во официјалната конкуренција на фестивалот оваа година се селектирани:

Шеги на љубовта“ од Чехов, во изведба на Сатиричен театар од Софија, „Смртта и девојката“ од Ариел Дорфман, во изведба на Народниот театар од Подгорица, Црна Гора, „Симедеја или човечки глас“ од Фадил Хисај од Косово, според делото на Жан Кокто, „Зоо Приказна“ од Едвард Олби во изведба на Здравко Стојмиров, и „Пауна“ по текст на Мирјана Ристевска Селчанец, во изведба на Сара Марковска од Македонија; и „Со кого, со што во Европа“ во изведба на Драган Тешиќ, од Драфт Театар, Тузла (БиХ).