По 20 години реиздаден албумот „Homebound“ на Кирил Џајковски

38

Јубилејното реиздание на ремек-делото „Homebound“ на Кирил Џајковски излезе денеска, точно дваесет години по оригиналната објава. Овој легендарен албум, со своето појавување во 1999 година, дефинира нов музички правец, во кој традиционалната музика и современата електроника живеат во совршена хармонија.

Оригинално објавен под тогашното уметничко име на авторот, Кирил, „Homebound“ беше еднакво фасцинантен и за публиката и за музичката критика, која не штедеше пофалби за храбрата мешавина од ворлд мјузик, брејкбит и драменбејз. Албумот доби одлични рецензии речиси од сите релевантни музички списанија и радиостаници, а со тоа значително го олесни патот на цела генерација нови музичари, кои не се плашеа да експериментираат, да ги пробиваат постојните граници и да откриваат нови музички светови.

Реизданието на „Homebound“ содржи ремастерирани верзии од сите десет песни од оригиналното издание. Излегува потпишано со новиот уметнички бренд на авторот, Џајковски, а од денеска е достапно на сите дигитални сервиси за музика во светот. Издавач на реизданието е „Филтер лабел“.