По цели седум децении творење Герхард Рихтер се повлекува од уметничката сцена

180

Говорејќи за витражите што ги направи за бенедиктински манастир во градот Толи, Германија, Герхард Рихтер, кој многумина го сметаат за најважниот жив уметник во светот, јавно изјави дека тоа е неговото последно големо дело. Осумдесет и осумгодишниот Рихтер додаде дека може повремено да направи помала слика, но што се однесува до големите проекти, нема да ги има повеќе. И така, по цели седум децении творење, тој се повлекува од сликањето.
Од почетокот на својата кариера своите дела тој ги означува со броеви, а витражите во својата архива ги запиша под серискиот број 957. Рихтер е уметник што се грижел за секој детаљ од неговата кариера и внимателно избирал кое дело ќе го потпише и официјално ќе го стави во својата архива. Тоа се покажало и на минатогодишното судење. Имено, бил уапсен неговиот сосед, кој од ѓубрето пред куќата на Рихтер украл цртеж, што бил фрлен од германскиот уметник бидејќи не бил задоволен од него. Полицискиот службеник, кој бил на судењето, подоцна за медиумите изјавил дека уметникот бил повеќе вознемирен од можноста делото со кое не бил задоволен да му се припише нему и да остане така запишано во историјата, отколку од фактот дека станува збор за кражба. Соседот бил откриен кога се обидел да го продаде делото и да ја потврди неговата автентичност во Архивата на уметникот во Дрезден. Кражбата на крајот го чинела 60 илјади евра, бидејќи судијата проценил дека станува збор за цртеж на Рихтер.

Но тие пари не биле важни за Рихтер, за него било поважно цртежот повеќе да го нема. Герхард Рихтер се наоѓа на списокот на најбогати Германци што го прави списанието „Менаџер магазин“ од почетокот на 2000-тите, тој е присутен на списокот уште од самиот почеток на таа листа. Со текот на годините, неговото име стануваше сѐ поважно, па така минатата година, со имот вреден 830 милиони долари, тој се најде на 220-то место, од илјада наведени привилегирани. За споредба, на списокот се најдоа уште двајца уметници, Анселм Кифер и Нео Раух, но на крајот од листата.
Сепак, треба да се напомене дека самиот Рихтер тврди дека цените на неговите дела се превисоки.
– Вчудовиден сум од рекордните цени, иако тоа се добри вести. Сумите се малку шокантни. Тие се несфатливи за мене, исто како што кинескиот или физиката се неразбирливи за мене – изјавил Рихтер за весникот „Ди цајт“, по аукцијата каде што неговата слика била продадена за 46,3 милиони долари.
Но тоа не ги обесхрабри купувачите на неговите дела. Наведената сума за сликата „Апсратктес билд“ од 1986 година ја платил банкарот од Чикаго, Кен Грифин, на аукција одржана во „Сотби“ во Лондон пред пет години. Оваа сума во меѓувреме не е надмината, но цените на делата на Рихтер не паѓаат, а на аукциите најдобро поминуваат апстракциите. Тие обично се продаваат по цена помеѓу 28 и 34 милиони долари.

Од другата страна од овие огромни суми се дигиталните графики на уметникот, кои можат да се купат за помалку од илјада долари. „Светиот грал“ на аукциите, сепак, се нарекуваат сликите од циклусот „Керце“ (Свеќа).
Има дваесет и четири слики со запалени бели свеќи, а една од нив се најде и на насловната страница на албумот на групата „Соник Јут“. Кога биле создадени, во осумдесеттите години, ниту една не била продадена. Денес, има голема побарувачка за нив, но невозможно е да се најдат на пазарот. Најскапата чинела 16,2 милиони долари. Рихтер е автор и на сликата „Бети“, за која Себастијан Сми, уметнички критичар на „Вашингтон пост“ и добитник на Пулицеровата награда, тврди дека е најпознатата слика од жив автор. Станува збор за слика на која е прикажана неговата ќерка, кога таа имала единаесет години. Сликана е одзади, со главата свртена од набљудувачот. Инаку, Бети е ќерката, која ја добил во првиот брак со Маријана Еуфингер. Денес тој е оженет со Сабине Мориц, која е триесет и седум години помлада од него и имаат три деца.

Деновиве во Кунстфорум во Виена се одржува обемна изложба на Герхард Рихтер посветена исклучиво на една тема од неговиот опус, пејзажот. Од првите договори до денес, кураторите на виенскиот изложбен простор работат на изложбата дванаесет години. Како што вели кураторката на изложбата Лиза Ортнер-Креил, тој се согласил на изложбата единствено затоа што му се допаѓал различниот поглед на неговата работа од досегашниот. Изложбата ќе трае до средината на февруари, а може да биде продолжена поради моменталната состојба со коронавирусот, но некои дела се достапни и на интернет.
– Пејзажот е тема што го интересира овој уметник уште од почетокот на неговата кариера. Тој ја започнал првата голема серија кон крајот на шеесеттите години, а пејзажи слика сѐ до денес. Од наша гледна точка беше изненадување што досега музеите не се занимаваа со оваа тема во творештвото на Герхард Рихтер. Само една изложба на оваа тема се одржа во музејот „Спренгел“ во Хановер во 1999 година. Но тоа беше мала изложба со околу четириесет дела. Ја искористивме оваа „празнина“ во толкувањето на неговиот опус. На Рихтер му се допадна тоа од самиот почеток и ни ја гарантираше неговата поддршка во проектот – истакнува кураторката.
Герхард Рихтер е името што најчесто се споменува кога се поставува прашањето за најважниот жив сликар на нашето време.
– Рихтер е уметник што го пренесе сликарството од 20 во 21 век. Неговата уметност е постојана потрага по дефиниција за современиот свет. Тој е скептик, се преиспитува и не зема ништо здраво за готово, како што укажува неговата уметност. Рихтер ги занемарува категориите, границите на техниките, специфичниот начин на презентирање на сликите, фигуративен или апстрактен, и овие поделби во исто време не му се важни. Тој е исклучително сензуален во начинот на кој пристапува кон сликата. Мислам дека во тоа би можело да бидат некои од „тајните“ на успехот и важноста на Рихтер – вели Лиза Ортнер-Креил.

На изложбата се прикажани и некои дела на Рихтер што досега не биле објавени во јавноста.
– Повеќето од нив се дела од колекциите на приватни колекционери. Уметничката кариера на Рихтер започна во 1962 година, а тој продаваше слики од самиот почеток. Постојат многу негови рани дела во приватни колекции на кои успеавме да им влеземе во трага. Еден пример е делото на кое тој сече платно, како омаж на италијанскиот уметник Лусио Фонтана – вели таа.
Апстрактен пејзаж од 1969 година е исто така негово непознато дело. Рихтер создава ефект ставајќи боја на парче ткаенина, притискајќи го на платното и потоа отстранувајќи го, што дава мрежеста структура на површината. Некои од пејзажите тој ги нарекува „кукавичини јајца“, а кураторката на изложбата објаснува и зошто.
– Кон крајот на 1960-тите години тој создаде многу романтични пејзажи што потсетуваат на слики од германскиот уметник Каспар Давид Фридрих, со низок хоризонт и огромно небо. Самиот Рихтер зборува за „кукавичини јајца“ кога ги споменува овие слики затоа што тие цитираат стилови од минатото, но на нив јасно е видлива сегашноста. Пример за тоа е сликата Пејзаж на Хубелрат со улични знаци што јасно укажуваат на фактот дека настанале во 20 век.

Овие слики „се преправаат“ дека доаѓаат од друга ера, но ако ги погледнете внимателно, ќе бидете изненадени од нивната современост – објаснува Ортнер-Креил.
На оваа изложба се работело со години.
– Идејата веќе постоеше кога дојдов во музејот, а тоа беше во 2007 година. Во 2016 година, конечно воспоставивме контакт со уметникот лично и добивме можност да ја претставиме идејата за ретроспективна изложба посветена на неговите пејзажи. Мојот колега, кураторот Хубертус Бутин, работел како асистент на Рихтер за историја на уметност во 1990-тите и тој беше нашиот контакт – вели кураторката.