По Трамп, слугинките станаа симбол на движењето што му се противи

93

Канадската писателка Маргарет Атвуд најави дека ќе објави продолжение на романот „Приказната на слугинката“ и читателите ќе ги одведе подлабоко во својата визија на дистописка Америка, со која владее женомрзечката теократија. Новата книга ќе биде насловена „Тестаментите“ и ќе биде публикувана во септември наредната година.
– Инспирација е светот во кој живееме – објави славната писателка.

Успехот на „Приказната на слугинката“ е засилен со големата популарност на истоимената серија во продукција на Ејч-би-О, која почна да се емитува пролетта 2017 година, во времето кога либерална Америка се обидуваше да се помири со фактот дека на власт е бизнисменот Доналд Трамп.

Кошмарот на Атвуд за тоа дека Америка ќе се претвори во тоталитарно општество, во кое жените се сведени на сексуални робинки, брзо повлече паралела со избивањето на скандалот за сексуалното малтретирање. Оттогаш на многу собири жените почнаа да облекуваат црвен хабит со бела капа, костим каков што во телевизиската серија носат жените што ги прогонува Гилеад, фиктивниот теократски режим од романот на Атвуд. Ги имаше на собирите против забраната на абортусот во Буенос Аирес и Даблин, на собирите против конзервативците во Варшава или против именувањето на Брет Каванах во американскиот врховен суд.

– Кога Трамп е избран за претседател, слугинките станаа симбол на движењето што му се противи, што дава отпор на мизогинијата и деградацијата на правата на жените – објави издавачката куќа „Пингвин рендом хаус“.

„Приказната на слугинката“ е продадена во осум милиони примероци само во изданијата на англиски јазик, на нејзината авторката ѝ ја донесе Букеровата награда, а на телевизиската серија наградата „еми“ за најдобра драма.

Фиктивното ремек-дело „Приказната на слугинката“ ги истражува последиците од самозадоволство и како моќта може да се искористи неправедно. Визијата на Атвуд за дистопискиот режим ја привлече имагинацијата на читателите уште од објавувањето на книгата во 1985 година. Овој дистописки роман е сместен во блиска иднина во една тоталитарна христијанска теократија што извршила преврат врз американската влада.

Романот е психолошко, реалистично и убедливо истражување на еден спротивен свет, кој во себе има значајна надреална врска со реалноста. Жестоко политички и мрачен, а истовремено мудар и хумористичен, „Приказната на робинката“ отвора голем број општествени прашања. Јазичната умешност на Атвуд блеснува низ наративот темен од терор, низ острите перцепции, свети во силните слики и саркастичната мудрост. Кај нас книгата ја преведе и објави издавачката куќа „Бегемот“.

Маргарет Атвуд (1939) е канадска поетеса, романсиерка, книжевна критичарка, есеистка и активистка. Магистрирала на Харвард во САД. Предавала на повеќе универзитети. Ги има добиено највисоките книжевни награди во Канада. Добитничка е на францускиот орден Легија на честа. Добитничка е на повеќе од 40 светски признанија, во 2000 година ја доби Букеровата награда за романот „Слеп убиец“. Таа е една од најпреведуваните светски автори и почесна професорка на триесетина универзитети, како „Оксфорд“, „Кембриџ“, „Харвард“, „Сорбона“, „Единбург“ и други.

Нејзини најпознати романи се „Приказната на робинката“, „Невестата крадливка“, „Алиас Грејс“ и други. Маргарет Атвуд е позната и како поетеса, а во 2016 година го доби „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“.