По дипломирањето се бориме да останеме актери на сите можни начини

193

Поттикнати од својата лична позиција како невработени актери, со голема љубов кон театарот и уште поголем ентузијазам, Бобан Алексоски и Надица Петрова зборуваат за нивниот процес на работа и идни планови

„Златен Елец“ – нов независен театар

Откако премиерно се претстави со „Не ми го чепкај пивото!“ и „Дневникот на лудиот 1“ на „Скопско лето“, независниот театар „Златен Елец“ не престанува со работа, дури и во околности предизвикани од пандемијата на коронавирусот. Поттикнати од својата лична позиција како невработени актери, со голема љубов кон театарот и уште поголем ентузијазам, Бобан Алексоски и Надица Петрова зборуваат за нивниот процес на работа и идни планови.

Позицијата на актерот во Македонија е незавидна. Идејата за „Златен Елец“ се раѓа токму од тоа. На кој начин вашето лично искуство ве мотивира да го почнете овој проект?
– Потребата од театарот, „зависноста“ од институцијата театар, нови гледишта, други приказни, се некои од причините поради кои го основавме ова уметничко и независно здружение. Личното искуство речиси на секој актер во државава е лошо и различно, затоа што по дипломирањето се бориме да останеме актери на сите можни начини. Ние сме невработени и со овој независен млад театар им даваме шанса на сите уметници да се изразат преку ова здружение. Целта е да градиме светови и гледишта со приказните, односно со претставите, и да вметнуваме новитети што се актуелни во светот.
Многу наши колеги живеат во илузија, заглавени во црнила од фрустрации и лоши програми (создадени од општата култура кај нас), четириесетина вработени актери во институции, кои со години немаат стапнато во театар, земаат плата и само се жалат. Четириесетина невработени актери, кои работат по кафулиња, во надеж дека ќе дојде некој да ги спаси и исто така само се жалaат. Фрустрации, извитопереност, беда. Нели е игра? Актерска игра. Барем за време на пандемијава тоа веројатно го сфативме. Тоа е мотивацијата за независен театар, театар каде што можеме да преземеме одговорност.

„Златен Елец“ се раѓа во една од најтешките години за театарот и воопшто. Како функционира еден млад независен театар во време на пандемија?
– Можеби ќе звучи чудно, но нашиот простор го создадовме баш во ова време на пандемија. Официјално се отворивме на „Скопско лето“, со две претстави, „Не ми го чепкај пивото!“ и „Дневникот на лудиот 1“, и двете во режија на Ѓорѓи Ризески, бевме први со изведба на театарска претстава на интернет на игралиште во Ѓорче Петров, за време на полициски час, изведби во живо во дворот на театарот во Куманово, „Сули-ан“, социјалниот центар „Дуња“ и прва премиера по пет месеци. Покрај сето тоа, со сите протоколи за сите проби, завршивме со уште еден проект, се работи за „Дневникот на лудиот 2: Човекојадство“ и третата претстава ќе биде премиерно прикажана кога ќе добиеме дозвола за јавен настан во затворен простор. Беше чудно, необично и историски. Секогаш ќе го паметиме почетокот. Пандемијата само ни помогна полесно да сфатиме дека животот е тука и сега. Функционираме. Твориме. Се раѓаат работи сосема спонтано.

Кои беа активностите на „Златен Елец“ во меѓувреме? Со какви предизвици се соочувате лично и како тим?
– Потрагата по финансии ќе остане единствен проблем на независниот театар, активностите ги има дури и повеќе од очекувано. Имаме покана на неколку фестивали за трите претстави што веќе ги имаме во продукција. Покрај идејата за сите проекти, нашата цел е да ги играме насекаде, како патувачки театар. Сакаме како идеја да допреме до секој човек. Веќе почнуваме подготовки на следни проекти, за кои ќе најавиме понатаму. Се работи за сериозни теми и ликови што ќе ја пресликаат или запрашаат сегашноста. Тимот расте, се дополнува, се појавуваат луѓе со кои се пројави природна магнетизација.

Планирате и ТВ-премиера на претстава за деца, насловена „Чувари на планетата“. За што точно станува збор и како се одвива тој процес?
– Да, ова е еден интересен процес што го имаме замислено, премиерно наскоро би ја прикажале во детската емисија „Рингишпил“, а потоа, според сите протоколи, на отворено ќе ја играме неколкупати месечно за најмладата публика. Темата е многу интересна и блиска до сегашноста и ние ќе ја прикажеме на еден многу паметен детски начин. Тоа е наменски текст за манифестацијата на Град Скопје „Култура за време на корона“, кој на крајот не го одобрија. Текст за деца и возрасни, кој треба да се реализира во претстава во која преку запознавањето на самовилата и детето извидник, со присуството на другарот Дрво, спознаваме дека сите сме деца на планета Земја, која моментално е болна од тага за луѓето, и дека сите сме во суштина чувари на планетата Мајка, но треба да се потсетиме.

Што можеме да очекуваме во иднина? На кој начин сега ги планирате вашите идни проекти?
– Веќе ги споменав, тоа се два проекти што премиерно ќе бидат изведени наесен, а во меѓувреме чекаме дозвола за изведба на „Дневникот на лудиот 2“, договараме изведби низ целата држава, кои наскоро ќе бидат изведени пред публика на отворено, според сите протоколи, како и досега. Сакаме да работиме театар на сите сцени, одлична можност да се експериментира со театарот и публиката денес нуди независниот театар. Нема потреба да имаме очекувања. Ние работиме на повеќе проекти моментално и во потрага сме по финансиска поддршка, но доколку не ја добиеме, сепак ќе дадеме сѐ, за и ние самите да уживаме заедно со публиката.