Почнува фестивалот “Илинденски денови“ во Битола

162

Со традиционалното дефиле по Широк Сокак “Со песни и игри низ битолските улици” и традиционалното оро „Комитско“ денеска во Битола свечено ќе биде означен почетокот на 49. издание на Интернационалниот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови”.

Според најавата на организаторот Центарот за култура во Битола, во петте фестивалски денови ќе продефилираат 1.500 учесници од целиот свет.

Ќе има учесници од Мексико, Индија, Русија, Италија, Белгија, Израел, и Македонија, со што ќе се прати пораката дека фолклорот обединува, зближува, и дека не постои поголем амбасадор во светот. Ова денеска на прес конференција директорката на фестивалот Маја Андоновска-Илијевски.

– На годинашното издание на фестивалот „Илинденски денови” ќе учествуваат илјада учесници од повеќе земји. За време на фестивалските денови ќе се одржуваат различни манифестации што го негуваат фолклорот – информира директорката на Центарот за култура Битола, Маја Андоновска- Илијевски.

Стручниот соработник и координатор на фестивалот „Илинденски денови”, Валентин Соколевски посочи дека на фестивалот ќе има учесници од три континенти.

– Фестивалот „Илинденски денови” ја почитува традицијата и веќе пет децении ја чува и негува народната култура. Преку настапите на 30 ансамбли од Македонија и светот ќе се пренесе пораката за зачувување на традицијата, зачувување на минатото во интерес на иднината – посочува Соклевски.

Фестивалот „Илинденски денови” станува еден од вкупно 100 најреномирани фолклорни фестивали ширум светот.

Инаку, фестивалот „Илинденски денови” е дел од годишната програма на Министерството за култура. Главен покровител на фестивалот е Собранието на Македонија, а фестивалот доби поддршка и од општина Битола, јавните претпријатија, и неколку приватни компании од градот.

М.М.