Почнува одбележувањето на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик

42

Денот на македонскиот јазик, 5 Мај, кој од оваа година ќе почне да се одбележува со одлука на Владата од минатиот месец, ќе го одбележат две институции. Институтот за македонски јазик денеска, во рамките на традиционалната манифестација „Денови на Благоја Корубин“, ќе организира трибина на тема „Употребата на македонскиот јазик“, а Филолошкиот факултет на 14 мај ќе организира посета на родната куќа на Блаже Конески во Небрегово.

Според Људмил Спасов од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици и претседател на Советот за македонски јазик, идејата е 5 мај да биде Ден на македонскиот јазик од работен карактер и да се одбележува таму каде што е најпотребно, од најниските степени на образование до највисоките, со пригодни реферати, рецитали или со детали од историјата итн.

Според Спасов, во иднина денот ќе се одбележува на различни начини, како ден на оддавање почит на македонскиот јазик и на сите претходници што го создавале писмениот, литературен, стандарден јазик, како и долг кон иднината.

Прогласувањето е во чест на решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945 г. за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо и озаконувањето на првиот правопис, со што беше стандардизиран македонскиот јазик.

Азбуката е создадена на 3 мај 1945 и е предложена на тогашната Влада. Таа ја прифатила, а азбуката била официјализирана на 5 мај, со објавување во весникот „Нова Македонија“.