Почна со работа ликовната колонија „Скопје“

60

Четиринаесеттата меѓународна ликовна колонија „Скопје“, во организација на Музејот на градот Скопје, градот Скопје и хотелот „Арка“, започна викендов и ќе трае до 30 август. На годинашното издание учествуваат десет ликовни уметници од цел свет, секој оригинален и посебен според сликарската техника и стилската определба. Од Македонија учесници се: Маја Рауник Кирков, Трајче Чатмов, Христијан Санев, Филип Фидановски. Од странските автори на скопската колонија ќе создаваат: Скендер Бедриу од Косово, Ипек Денизли од Кипар, Мариана Абрамова од Украина, Зузана Ардо од Велика Британија, Кацпер Дудек од Полска и Драгана Станаќев Пуача од Србија.
Уметниците ќе ги создаваат своите дела во прекрасниот и инспиративен амбиент на хотелот „Арка“, сместен во срцето на Старата скопска чаршија. Делата создадени на оваа колонија ќе бидат изложени во рамките на манифестацијата на градот Скопје за одбележување на Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември.