Почина пијанистката Јасминка Чакар

217

Пијанистката и универзитетски професор на ФМУ Јасминка Чакар почина на 81 година по кусо боледување.

Министерството за култура денеска упати телеграма со сочувство по повод смртта на реномираната пијанистка, музички педагог и доајен на македонската култура, Јасминка Чакар.

– Со својата посветена и долгогодишна кариера на уметник од највисок ранг и со бескрајната љубов кон музиката, Јасминка Чакар несомнено остави зад себе непроценливо наследство кое верувам ќе биде голем поттик за новите генерации македонски пијанисти – стои во телеграмата упатена од министерката за култура, Ирена Стефоска, до семејството Чакар.

Јасминка Чакар претставува еден од клучните чинители во сферата на македонската пијанистичка уметност во втората половина на 20 век, пијанистка која, според многубројните уметнички особености, како и достигнувањата во текот на повеќедецениската уметничка кариера, може да го носи атрибутот доајен на македонскиот пијанизам.

Со основањето на Вишата музичка школа (денес ФМУ), во 1967 година станува дел од професорскиот кадар во оваа високообразовна музичка институција каде што предава пијано и камерна музика. Во текот на педагошката дејност во нејзината класа дипломирале над 40 млади пијанисти. Паралелно со педагогијата, Јасминка Чакар остварила бројни настапи дома и во странство, а освен солистичките изведби, нејзиниот концертен опус содржи и 76 пијано-придружби остварени со речиси сите истакнати македонски вокални и инструментални уметници.

Непроценлив е нејзиниот придонес и во остварувањето на меѓународната соработка, успевајќи да реализира успешни творечки контакти со огромен број реномирани странски изведувачи. Како уметничка фигура со особени заслуги за подемот на македонскиот пијанизам и музичката култура воопшто, Јасминка Чакар е добитник на многубројни признанија и награди.