Почина Коле Јовановски, пионер на електронската ТВ-монтажа

1156

На 58-годишна возраст почина еден од најкреативните и најпродуктивни пионери на електронската телевизиска монтажа и постпродукција, Коле Јовановски. Од 1981 година работеше во МТВ, во својство на ТВ-монтажер, асистент на режисер или режисер на околу 5.000 разни жанрови на емисии, филмови, драми, серии и спотови, кои беа наградувани на голем број меѓународни фестивали. „Видеоарт-програма Кокино“ беше прикажана на фестивал во Холандија во 1993 година и на фестивалот „Јуропиан медиа арт“ во Германија, во Институтот за современа уметност во Бостон, САД, како и на видеосредбите во Белград, Србија, во 1992 година. На сите овие фестивали се стекна со признанија и е дел од библиотеката на Институтот во Бостон.

Добитник е на награда на фестивал во Неум, за документарната емисија „Мојот татко Изет“. Емисијата составена од фолклорни музички спотови „Песна на ангелот“ е една од најрепрезентативните и најпродавани видеокасети во касетната продукција на МТВ. Исто така беше монтажер и помошник-режисер на документарниот филм „Македонската книга на живите“, промовиран во Париз и емитуван на француската телевизија, на телевизискиот филм „Мугри“ и монтажер на играната телевизиска серија „Тврдокорни“, која беше пример на едукативно-наставно градиво на ФДУ во Скопје и многу други. Во архивата на МТВ ќе останат врвните ТВ-достигнувања и за нашите цркви и манастири, а во последниот период работеше на православната телевизиска серија „По делата ќе те препознаам“ за телевизијата Канал 5 плус. Тој е еден од основачите на меѓународниот филмски фестивал за духовни и хумани вредности „Богородичен покров“, за кој го жртвуваше и својот живот и во иднина овој фестивал нему ќе му биде посветен.