Пофалби за Киров и Ношпал за сплитската „Дервишот и смртта“

37

Хрватскиот весник „Вечерњи лист“ пишува најпофални зборови за македонскиот балетан и кореограф Игор Киров, како и за нашиот дизајнер и костимограф Александар Ношпал. За Киров истакнува дека „успеал да го прероди сплитскиот балет“, чиј директор е од 2016 година, а за Ношпал дека ги направил најубавите костими во хрватскиот балет во последните десетина години. Станува збор за спектакуларната балетска претстава „Дервишот и смртта“ на „Хрватско народно казалиште“ – Сплит, која деновиве се одигра на сцената на „Лисински“ во Загреб по две години очекување.

– За да проникне во самата суштина на романот на Меша Селимовиќ, кореографот го поделил главниот јунак Ахмед на тело и душа, па околу нив ја создава моќната слика на овој балет, работен по либрето на Сашо Димоски и музика на Горан Бојчевски. Композиторот ни во еден момент не подлегнал на она што просечниот консумент на музика го доживува како ориентален звук па така создал впечатлива музичка матрица во која смело се преплетуваат лирските и романтичните моменти со оние што одѕвонуваат во воените освојувања, човековите загуби, ритамот на срцето во грч – пишува „Вечерњи“.

Сценографот на претставата Славен Раос со ориенталната рамка и неколку прегради на сцената на „Лисински“ ги води гледачите во поинаков свет, а за раскошната визуелна слика на самиот балет, покрај самиот кореограф и балетаните, најзаслужен е костимографот Александар Ношпал.

– Водечкиот македонски костимограф за овој балет буквално создал чудо: костими што успеваат да го доловат исконскиот танц на дервишите (долги бели фустани што и самите „танцуваат“ околу телото), но ги скроил во половина од круг и ги додал како обични панталони. Со овој промислен потег успеал да ги остави видливи нозете на танчарите така што во ниеден момент костимот не пречи на она што е најважно – целата фигура на танчарите во исклучително тешката кореографија. Кога на тоа ќе се додаде трикото во боја на кожа што го носи душата на Ахмед Нурудин на својот крај, кога мора да биде соголена до срж, јасно е дека токму балетот „Дервишот и смртта“ ги донесе најубавите костими што сме ги виделе во хрватскиот балет во последните десетина години, што е неверојатен успех што може да се мери со најсилната конкуренција – костимите што Алан Хранитељ ги направи за балетите „Ана Каренина“ и „Смрт во Венеција“ – пишува хрватскиот весник.

Понатаму во текстот се нагласува улогата на Игор Киров како директор на балетот и тоа што успеал во Сплит да го донесе националниот првак на балетот на ХНК од Загреб, Томислав Петрановиќ, и му овозможил покрај многубројните големи улоги да ја одигра и оваа, која за сите времиња ќе го запише во историјата на хрватскиот балет.

– Покрај тоа, Киров навистина го прероди Балетот на сплитскиот театар, создавајќи ансамбл што и најслабите алки ги покрива со неверојатната заедничка сила – пишува „Вечерњи лист“.