Порече на фотографии од периодот на 1932-1933 година на полскиот етнолог Јозеф Обрембски

314

Вечерва во 19 часот во Музеј-галерија Кавадарци ќе биде отворена изложба под наслов „Порече“ од богатата етнолошка документација на познатиот полски етнолог и антроплог Јозеф Обрембски, што ќе ја отвори амбасадорот на Полска во Република Македонија Јачек Мултановски.

Joзеф Обрембски ( 1905-1967) е еден од најзначајните еминентни полски етнолози и антрополози, чие творештво е тесно поврзано со македонската етнологија. Неговата посета на Порече 1932-1933 година ни претставува етнолошки извор на културно наследство од посебно значење. Во период од осум месеци научно истражување, живеејќи во село Волче( Општина Македонски Брод во областа Порече) во куќата на Кире и Коле Крајчевски и нивната мајка Стефкојца ги проучувал и документирал секојдневниот, обредниот и религиозниот живот, митологијата, фолклорот и народната медицина на жителите од Порече.

Топлиот прием на поречани овозможил взаемно почитување и пријателство преку кое е собрана колекциа од непроценливо богатство, обемна и уникатна која се состои од фото документација, скици и емпиријски материјали. Неговата колекција и на подоцнежните македонски етнолози им претставува база за надградба и анализа на различни аспекти од функционирањето на секојдневниот традиционален живот на населението од поречкиот предел, особено големите патријархални фамилии и македонските заедници.

Со своето истражување во едно изолирано подрачје во Македонија, Јозеф Обрембски ја постигнува својата научна цел оставајќи податоци за поречаните кои изобилуваат со карактеристики, својствени за традиционалните затворени семејни и селски заедници, кои, пак, во триесетитте години на дваесеттиот век биле сė уште цврсти, денес се веќе во одмината фаза на трансформација и изумирање.

Изложбата претставува само еден сегмент од творечкиот опус на Обрембски кој ги истражвал обичаите и културата на македонскиот народ, а пренесена до нас од страна на професорката Ана Енгелкин од Полската академија на науките која воедно е автор на изложбата.

Таа смета дека пристапот на Јозеф Обрембски и начинот на неговата интерпретација во рамките на поречките заедници е бескрајно софистициран, научно истражуван, одмерен но пред сė пријателски и човечки кое му дава за право да си обезбеди трајно место како во срцата на поречаните, така и во македонската, полската воопшто светската антропологија и етнологија- вели Весна Ѓорѓиева директор на Музеј-галерија Кавадарци.

Мирјана Мукаетова