Поранешна Југославија се простува од Стефановски

625

Речиси сите влијателни медиуми во регионот на поранешна СФР Југославија ја објавија веста за смртта на македонскиот великан, драмскиот писател Горан Стефановски.

„Горан Стефановски, голем македонски драмски писател, ценет и изведуван во Европа и светот, ненадејно почина. Тој требаше да биде еден од гостите на Саемот на книгата во Пула, кој почнува утре. Со Горан планиравме да ја промовираме книгата „Одисеј и други драми“, прва книга од таков вид на хрватски јазик, приредена и печатена ексклузивно за Саемот, чиј регионален партнер е Македонија. Ја подготвуваме со обострана радост и заедно со Горан едвај го чекавме моментот на средба и дружење. Ние се заблагодаруваме на неговото исклучително знаење и раскошен шарм, а тој за нашето гостопримство и подготвеност на пулски и фестивалски начин да искажеме почит кон пистаелот чија книга, конечно, премиерно ќе биде претставена на хрватската јавност. За жал, кратката и тешка болест, ни ја скуси можноста и радоста нѝ ја замени со тага поради прераното заминување на познатиот автор, чии драми, уште од крајот на 70-те години од минатиот век ја покажуваа разликата меѓу добар и исклучителен театар. Овој трагичен настан е причина повеќе во петок, во 19 часот да зборуваме за Горан Стефановски и неговата книга, онака како што заслужува тој и неговите текстови – достојни за траење“, се наведува во соопштението од пулскиот Саем на книги.

За тоа кој и каков беше Горан Стефановски и што тој значеше за македонскиот, јужнословенскиот и европскиот театар ќе зборува неговиот близок соработник, режисерот Дино Мустафиќ, актерката Мирјана Карановиќ и многу други.

Многу истакнати театарски и филмски работници од регионот на социјалните мрежи објавија последен поздрав за Стефановски.

„Хај-фај, Диво Месо, Лет во Место, Црна Дупка…многу нè инспирираше и одигра голема улога во моето форматирање на сцената. Голем дрмански пистател“, напиша на Твитер српскиот актер Сергеј Трифуновиќ.

„Нашата младост, нашиот свет на паметни, нашиот театар и њубов во него, нашето Диво месо, Тетовирани души, нашиот Одисеј, нашиот постар брат на Влатко, нашиот Соран С… замина“, се прости српскиот актер, режисер и продуцент Светозар Цветковиќ.

Филмскиот и театарски режисер Дино Мустафа од БиХ, беше еден од оние кои соработувале со Стефановски.

„Драмите на Горан се мојот балкански покрив под кој се радост и чемер, инает и нежност, лудило и страст, хумор и солзи. Ќе ми недостасуваш многу, мој драг пријателе, бидејќи многу нешта ветувавме дека ќе направиме заедно“, напиша тој.

– Горан беше последниот титан кој интелектурално дејствуваше во Македонија, иако живееше во Англија. Беше навистина важен поет и драмски писател, кој сите би требало одново да го читаме, бидејќи неговите дела, за жал, се сè поактуелни. А освен што беше интелектуалец од европско значење и еден од последните големи писатели од овие простори, беше и мој незаменлив пријател, за кого ме врзува најубавиот дел од младоста. затоа ми е тешко да зборувам за неговата смрт, изјави италијанскиот режисер Паоло Маџели.

„Каква тага, каква трагедија за театарот и театарските луѓе и публиката ширум Европа. Голем, прекрасен човек и писател, незаборавен, единствен“, напиша на Твитер хрватската режисерка Сњежана Бановиќ.