Поплавска го поставува „Либертанго“ на балетската сцена

120

Во рамките на фестивалот „Скопско лето“ на 6 јули (петок) на сцената на МОБ ќе биде изведена балетската претстава „Либертанго“, по музика на Астор Пјацола и кореографија на Сабрина Боско (Италија). Режијата и либретото се на Наташа Поплавска, сценографијата и костимите на Александар Ношпал. Во претставата настапуваат: Александра Мијалкова, Васил Чичијашвили (Грузија), Мими Поп Алексова Атанасовска, Игор Веланоски, Наташа Јосифовска, Марија Јосифовска Ристовска, како и повеќе танго-танчари.
„Либертанго“ нè води низ приказна што ни ги покажува создавањето и патот на тангото. Уличен танц што го достигнува пиедесталот на светската танц-сцена. Танго или танцот на страста, желбата, љубомората, љубовта, привлекувањето…
Во почетокот на минатиот век во Аргентина често има прилив на емигранти од Европа, а најмногу од нив биле Италијанци и Шпанци. Аргентина е новата ветена земја, земја што им давала надеж на сиромашните Италијанци, емигранти, кои во почетокот на 20 век тргнале да бараат подобар живот.
Оваа приказна ни го покажува патот на италијанското семејство Пјацола. Висенте и Асунта, родителите на познатиот композитор Астор Пјацола, кои ја доживуваат Аргентина како земја на нивната иднина.
– Во дваесеттите години на 20 век во Аргентина се танцуваат различни танци. Се појавуваат женските танци на шпанските емигрантки, кои ги изгубиле своите мажи во битки, а ги викале чинас-жени, како и танците на лорас-девојките, кои со часови танцувале во аргентинските барови. Истовремено во Аргентина на улиците се игра и танцот на италијанските емигранти. Овие три народи, кои се наоѓаат заедно во страсната Аргентина како оддишка од тешките животи и макотрпната работа, наместо битки, почнуваат да танцуваат и да пеат заедно.
Така, на сцената се појавува и прекрасната аргентинска танго-танчарка, Марија Нивес, која со својот партнер Хуан Карлос го развиваат тангото и го презентираат низ светот. Преку нив, Калдерон и Пјацола, тангото во Аргентина ќе ги достигне своите врвни мигови – најавуваат од МОБ.
Новосоздадената авторска музика, исполнета со страст и љубов, се распостила по сиот свет. „Либертанго“ на големиот Астор Пјацола, кој се раѓа токму во Буенос Аирес, каде што живее и твори музика, отвора нов правец на тангото наречен ново танго. Со креативниот подем на овој редок и светски познат композитор со нови звуци се преплавуваат светската музичка и танцова сцена, а тангото го задржува своето високо значајно место. Музиката на Пјацола ги спојува џезот, класиката и музиката на трите народи: Италија, Шпанија и Аргентина. Живеејќи меѓу улицата, клубот, музиката и танцот, класиката, џезот, универзитетот и талентот, помеѓу Буенос Аирес и Париз, Астор Пјацола ја создава една од најубавите танго-композиции на 20 век, „Либертанго“.