Познати финалистите за поетскиот фестивал „Литературни искри“ во Гостивар

827

Десет поети од Македонија и по еден од Бугарија и Србија се борат за наградите на петтото издание на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри 2018“ во Гостивар. Жири – комисијата ги избра финалистите во конкуренција на стотина пријавени на конкурсот.

Во финалето влегоа: Жаклина Филипова Свеќаровска, Пеце Цветкоски, Цветанче Костоска, Александар Михајловиќ, Тони Павлески, Никодин Чернодримски, Давор Крстевски, Елена Пренџова, Теофила Поп-Димитрова и Снежана Паноска од Македонија, Катја Вангелова од Бугарија и Владимир Милојковиќ од Србија.

Годинава, песните пристигнати на конкурсот ги оценуваше жири-комисија чиј претседател е Раде Силјан, истакнат поет, литературен критичар, есеист со членовите: Габриела Петроска, професор по македонски јазик и лектор и Васфије Билали Ејупи, професор по албански јазик.

Фестивалот доделува Гран при, Прва, Втора и Трета награда, Награда за најдобар странски автор и Најуспешна млада искра. Наградите се состојат од плакети и книги.
Петтото издание на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар ќе се одржи на 26-ти мај, со поетско читање и соопштување на наградените.

Организатори се Здружението за култура „Дунек“ и Центарот за култура АСНОМ од Гостивар, со финансиска поддршка на општина Гостивар. Поетскиот фестивал се одржува во чест на Денот на сесловенските просветители.

А.С.