Бугарскиот писател Алек Попов е годинашен добитник на наградата за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот – „прозарт“. Авторот на хит-романите „Мисија Лондон“, „Црната кутија“, „Сестри Палавееви“ ќе биде гостин на 7-то издание на интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“, кој ќе се одржи од 19 до 22 мај. Признанието ќе му биде врачено на 21 мај, во Даутпашиниот амам во Скопје.

– Веќе неколку години фестивалот „Про-За Балкан“ на едно место собира одбрано друштво на писатели. Задоволството да сретнете талентирани колеги по перо од различни краеви на Балканот е големо. Со некои од нив се знаете, други првпат ги откривате. Секој е во нешто уникатен, но секој носи и честичка од карневалскиот балкански дух, кој ни помага да ги разбереме нештата што другите потешко ги разбираат, а некои дури и не се обидуваат да ги разберат. Способноста да се смееш на своја сметка и да работиш со материјата на апсурдот, која провејува низ целото наше суштествување, вклучувајќи и во историјата, е во срцевината на елементите на тој дух. Исклучително сум среќен што постои таков форум, каде што Балканот не е само егзотичен гостин и каде што големиот разговор за уметноста поминува низ оригиналниот, жив и разнообразен свет на балканската проза. Знам дека тука ќе бидам разбран и ќе се чувствувам како да сум дома – вели Попов за македонската јавност.

Во одлуката на одборот, со кој претседава писателот Ермис Лафазановски, се вели дека е голема честа што наградата „прозарт“ годинава му се доделува на еден од најисклучителните раскажувачи во современата литература на Балканот.

– Неговото изразено чувство за хумор, иронијата во која се преплетуваат префинетиот и народниот дух и извонредниот осет за фабула најприродно се надоврзуваат на еден претходен голем автор во бугарската литература, Алеко Константинов, творецот на „Бај Гањо“. Таа сплотеност на хуморот и интелектот во Алек Попов има најубедлив претставник во современата бугарска книжевност – се вели во образложението.

Алек Попов (роден во Софија, 1966 год.) е и одличен автор на кратки раскажувачки форми, неговите раскази од збирките „Мрсни сништа“ и „Ниво за напреднати“ се влезени во многу национални и меѓународни антологии на раскази. Попов е и драматург и есеист. На нашата публика ѝ е познат и како косценарист на популарната ТВ-серија „Преспав“. Неговиот прв роман, кој доживеа огромен успех, комичната сатира „Мисија Лондон“, се базира на неговото искуство како аташе за култура на Бугарија во Лондон и е преведен на 16 јазици. Романот на македонски го издаде редакцијата „Детска радост“, во превод на Александар Прокопиев. Според книгата, бугарскиот режисер Димитар Митовски сними филм во 2010 година, кој стана најпопуларен бугарски филм во поновата кинематографија, за кој „Вараети“ напиша дека е „феномен“. Во 2011 година филмот, во кој нашиот Огнен Антов беше копродуцент, ја доби наградата на „Транспаренси интернешнел“ на Филмскиот фестивал во Мотовун, Хрватска.