Погледот на Шо Шибуја кон „Изгрејсонца низ мал прозорец“

34

Во време кога сме презаситени со билтени и вознемирувачки вести, графичкиот дизајнер Шо Шибуја нуди уникатен начин за бегство од непријатната реалност преку сликање на панорамата видена низ неговиот прозорец врз насловните страници на весникот „Њујорк тајмс“. Уметникот пронајде инспирација и во тешките моменти за време на карантинот поради ковид-19, па така го создаде серијалот, кој го именува „Изгрејсонца низ мал прозорец“.
Она што започна како начин за документирање на деновите поминати во неговото апартман-студио во Бруклин за време на изолацијата, прерасна во волшебна серија што ја презентира секојдневната промена на боите на небото.

Од нијанси на сина боја до експлозии на светлорозова и топла портокалова боја, Шо Шибуја со своите тонови и бои од својот прозорец обезбедува релаксирачки контраст на строгите наслови од дневните весници.
– Сфатив дека од малите прозорци на моето студио не можам да ги слушнам звуците и сирените на автомобили или, пак, гласните викотници на луѓето. Можев да ги слушнам птиците како пеат енергично и звукот на ветрот, кој минува низ гранките на дрвјата.

Погледнав нагоре и го видов светлото небо, убаво како и секогаш и покрај променетиот свет под него – објаснува Шибуја.
Роден и израснат во Јапонија, графичкиот дизајнер се преселил во Њујорк во 2011 година. Тој на јавноста ѝ е познат и како основач на студиото „Плејсхолдер“ – мултидисциплинарно студио за дизајн, кое изработува елегантни и динамични системи за брендирање специјално приспособени за нивните креативни партнери. Шо Шибија е поранешен креативен директор на „Авеј“ и ветеран на „Епл“, „Ли“, „Андре“ и „Јавас Лен студио“.