Повеќекратни неандерталски населувања во Голема Пешт

64

Голема Пешт се наоѓа на 65 км од Скопје и досега во неа се поставени сонди со различни димензии, а регистрирани се 22 геолошки слоеви. Откриени се камени ракотворби (орудија и оружје) и животински остатоци

На палеолитското наоѓалиште Голема Пешт, во истоимената пештера во близината на селото Здуње, над езерото Козјак, во рамките на почнатите годинешни истражувања, отворена е петта сонда на неговата десна страна. Станува збор за десеттата сезона на долгорочниот проект на Министерството за култура, чиј носител е Археолошкиот музеј на Македонија, а со тимот на археолози и годинава раководи Љиљана Шаламанов-Коробар.

Голема Пешт се наоѓа на 65 км од Скопје, а досега во неа се поставени сонди со различни димензии и се регистрирани 22 геолошки слоеви. Откриени се камени ракотворби (орудија и оружје) и животински остатоци.

– Типолошките и технолошките белези на материјалните наоди укажуваат на постоење на среден палеолит. Добиените прелиминарни податоци од анализата ОСЛ, во лабораторија на институтот „Макс Планк“ од Германија, се однесуваат на вториот и третиот слој и нивната старост датира од 60.000 години пр. н.е., додека, пак, петтиот слој датира од 104.000 пр. н.е. Во отворената петта сонда преовладуваат животински остатоци што не се внесувани во пештерата само како храна, туку коските се модифицирани од страна на човекот и најверојатно се употребувани како орудие или, пак, како оружје – напоменува раководителката на истражувањата Шаламанов-Коробар.

Таа во оваа пригода укажува и на фактот дека откривањето на камените артефакти употребувани како алатки од страна на неандерталската популација претставува особено значаен елемент за палеолитската култура. Истакнува дека станува збор за интересен избор на наоди од горски кристал, суровина што некогашните жители во пештерата најверојатно ја избирале како поради тврдоста така и поради убавината и прозрачноста на минералот.

За крајот на годинешните ископувања во Голема Пешт е предвидено собирање седиментација за уште шест нејзини наредни слоеви, но и повторно доставување на собраната седиментација од лани за анализата ОСЛ. Резултатите од неа се очекува да бидат готови за една година.