Плакети за двајца археолози за откривањето на теракотните икони во Виница

113

Археолозите Коста Балабанов и Цоне Крстевски добија плакети од општина Виница по повод 40-годишнината од откривањето и промоцијата во јавноста на теракотните икони од Виничкото кале.

На свеченоста по тој повод беше речено дека тоа е скромно признание за огромниот придонес за истражувачите кои со откритието на иконите ја промовирале Виница, регионот и Македонија во меѓународни рамки.

– Виничките теракотни икони се единствени и уникатни примероци на уметничка креација откриени во целокупниот христијански свет од периодот на раното христијанство од 5-6 век и во годините што следуваа по нивното откривање станаа најизвезуваното културно наследство од Македонија ширум светските галерии и музеи. Затоа, сме им благодарни на луѓето кои помогнаа светот да го види ова богатство што е дел од нашиот културен идентитет, рече градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.

Арехологот Крстевски рече дека виничките теракотни икони му овозможиле да посети поголем број земји во светот, додека професорот Коста Балабанов порача културното наследство да се чува како доказ за нашето постоење.

– Ова богатство треба да се чува и негува и да не се прави лажна историја. Во текот на изминатите години одредени работи беа комплетно изменети, а значајни работи со иконите не се споменуваат. Зарем треба да потсетиме дека одреден број од нив најпрво беа презентирани во Ватикан, каде прват му беа претставени на папата, истакна Балабанов.

Признанијата на двајцата истражувачи им беа доделени токму на Виничкото кале каде што беа и откриени теракотните икони, а свеченоста беше дел од културната манифестација „74 години слободна Виница“.