Пијанистката Мимоза Ќека одржа целовечерен солистички концерт во Рим

39

Македонската пијанистката Мимоза Ќека одржа целовечерен солистички концерт во рамките на Музичкиот фестивал Темпието ,,Concerti del Tempietto’’ во Театро Марчело во Рим, Италија, што се одржува традиционално секоја година.

На интернационалниот фестивал учествуваа повеќе од 150 музичари од Италија, Франција, Шпанија, Данска, Холандија, Естонија, Литванија, Латвија, Украина, Словачка, Македонија и Турција.

Ќека, на концертот што го одржа на 18 септември, изведе дела од Т. Зографски, К. Дебиси, М. Равел, Ф. Лист.

Концертот беше поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.

Мимоза Ќека (1994) започнува да учи пијано на петгодишна возраст, а основното и средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ Скопје. Во 2015 година дипломира на Факултетот за музичка уметност- Скопје, на одделот по пијано, во класата на проф. м-р Тодор Светиев и станува член на Сојузот на Музички Уметници на Македонија. Во 2017 година магистрира на Одделот по музичка интерпретација – пијано под менторство на маестра Лилија Зилберштајн.

Активно настапува одржувајќи целовечерни соло – рецитали, и тоа во Музејот на град Скопје, во соработка со КИЦ- Скопје (2013,2015,2017), во рамки на фестивалите ,,Кавадаречка културна есен 2016’’ ,,Златна лира (2012, 2017)’’ ,,Есенски музички свечености (2012,2014) ’’,,Денови на македонска музика 2013’’, концерти на вокално- инструменталниот оддел при ФМУ- Скопје ,,Мусица Вива’’, концерти во чест на Франц Лист, Гоце Коларовски, Интернационален фестивал и натпревар на млади пијанисти лт;гт;2015 во Монтрон-ле-Бен, Франција; Сиена летен Фестивал на класична музика (2015,2016,2017), Фестивал на Франкофонијата ,,Солеј’’ 2017 во Созопол, Бугарија, каде ја претставуваше Македонија со целовечерен соло рецитал.

Особено се издвојува нејзиниот настап со Симфонискиот оркестар на ФМУ-Скопје, под диригентство на маестро Саша Николовски – Ѓумар со изведба на Концертот бр. 2 за пијано и оркестар од К. Сен-Санс.