Пет свештенички во фокус на изложбата „Статусни симболи кај Пајонските заедници“

784
фотографии: Маја Јаневска Илиева

На денес отворената изложба под наслов „Статусни симболи кај Пајонските заедници“, во Археолошкиот музеј во Скопје, реализирана во соработка со Музеј Гевгелија, публиката доби можност да види фасцинантен приказ на пет богати женски погребувања од некрополите Лисичин Дол кај Валандово и Милци кај Гевгелија и да ужива во сочуваната убавина на незаборавните наоди, религиозните комплети кои спаѓаат во групата на т.н Македонски-пајонски бронзи. Содржината на петте гроба од двата локалитета вешто е прикажана со помош на  фотографии направени на лице место при археолошките откритија, преку минималистичка, но мошне добро осмислена реконструкција со користење на цртежи и висечки платна и преку бројните изложени наоди во стаклените витрини.

– По повеќе од 15 години, преку оваа изложба денес со посебно задоволство се навраќаме на една од најпрепознатливите и најзначајните теми на македонската археологија, пајонските, односно македонските бронзи. Преку истражувањата и проучувањата на овие предмети изминатите неколку децении, чекор по чекор, се градеше претставата за животот на железнодопските заедници на Пајоните, за нивната материјална и духовна култура, за трговската и културната размена, за нивната економска и геополитичка позиција и моќ на Балканот и воопшто, за секојдневието на просторот на нашата држава во текот на железното време. Тие сознанија за кои денес со гордост зборуваме и ги претставуваме се резултат на работата на повеќе генерации археолози, чиј придонес останува длабоко врежан во археолошката наука. Но, иако зборуваме за многубројни истражувања и богати  резултати од истите кои денес претставуваат обемен фонд на музејските збирки и особено на нашиот музеј, тоа секако не значи дека железното време е целосно исцрпена и јасна тема, напротив, денешната изложба го кажува токму спротивносто. Фокусот на претставувањето на железното време овојпат е ставен на општествениот живот на  Пајонците, поточно на еден помал дел од женските припадници на заедницата кои по карактерот, бројот и вредноста на гробните прилози науката ги издвојува како пајонски свештенички, припаднички на повисоките слоеви од општеството – укажа меѓудругото на отворањето на изложбата, директорот на Археолошкиот музеј, Горан Санев. Тој нагласи дека  авторите на изложбата, Александра Папазовска, кустос – советничка во Археолошкиот музеј и Бобан Хусеноски, кустос – советник и директор на Музеј Гевгелија, во оваа прилика ја претставија темата за т.н. племенска аристократија на вистински начин. 

– Од фундусот на новооткриени гробови целини  на некрополата Милци, за оваа пригода издвоени се две богати погребувања на женски лица, кои според  карактерот на  гробните прилози се индикативни за насловот на изложбата „Статусни симболи кај Пајонските заедници – рече Бобан Хусеновски, потенцирајќи дека станува збор за погребувањето на покојничката во гроб 111, наречена и „дамата од Милци“, каде меѓу престижните гробни прилози примарна улога има нејзината „култна палка“, како и за откриената „лира“, уникатен  композитен приврзок во гробот 125, покрај претходно дефинираните „музички инструменти“, звечки и прапорци“. 

Александра Папзовска во своето обраќање потенцираше, меѓудругото, дека кога ќе се спомене некрополата Лисичин Дол се добива асоцијацијата на најмаркантното погребување на „свештеничката“ од гроб 15, девојката која ја промени  историјата на „македонско -пајонските“ бронзи, девојката која отвори нови страници на македонската археологија.

– Оваа изложба е само еден прозорец во сликата за животот на пајонските заедници во Долно Повардарје. Овие нови девојки прикажани денес, се издвојуваат по својата економска моќ, по својот општествен и духовен статус кој го поседуваат – нагласи Папазовска.