Петтото издание на „Мала Италија патува“ ги разнежни скопјани

57

Музичкиот настан „Мала Италија патува“, кој вчеравечер се одржа под ведро небо на платото „Мајка Тереза“, пред МОБ, донесе несекојдневно доживување во кое скопската публика можеше да ужива во извонредните изведби на Павле Камилоски.

Убавиот баритон на Камилоски и звукот на италијанските, француските и џез евергрини создадоа пријатна атмосфера. Публиката, која ја имаше во голем број, уживаше во изведбите на младиот пејач, кој со многу љубов и страст целосно ѝ се препушти на музиката, пренесувајќи ги, со многу емоции, пораките на безвременските хитови.

Овој уникатен настан се одржа по петти пат и веќе прераснува во традиција, станувајќи сé попривлечен за публиката во Скопје, но и во други градови во земјава.