„Петре и волкот“ во Филхармонија

66

Симфониски концерт наменет за најмладите – „Петре и волкот“, под диригентство на Иван Еминовиќ, ќе се одржи в сабота во 12 часот во Македонската филхармонија. 
„Петре и волкот“ е едно од најпознатите дела на рускиот композитор Сергеј Прокофјев и е неизоставен дел од репертоарот на сите симфониски оркестри, особено во театрите за деца. Свитата е напишана за наратор и оркестар, чии поединечни инструменти или групи на инструменти ги претставуваат ликовите во приказната. На тој начин, младите слушатели се запознаваат со составот на оркестарот.
На пример, во „Петре и волкот“ флејтата е птица, обоата е патка, кларинетот е мачка, фаготот е дедото, гудачките инструменти се Петре итн.
Приказната го следи Петре кој поминува некое време во куќата на својот дедо сместена во шума. Еден ден тој несакајќи ќе ја остави вратата од дворот отворена, и покрај тоа што дедото ќе го предупреди да не го прави тоа, бидејќи во шумата живее опасен волк. Петре во тоа нема да верува, но кога навистина ќе се појави волкот, тогаш почнува неговата авантура, обидувајќи се да го фати…
И овојпат наратор е миленикот на детската публика, актерот Мартин Јорданоски, кој ќе ги води децата низ авантурите на Петре.