Перформанс на Спасе Перовски два дена пред избори

72

Ова не е политички проект, туку ликовно дело што има директна врска со еден изборен циклус, вели авторот

Ликовниот уметник Спасе Перовски од Велес, вечерва, во 19 часот, во Младинскиот парк во Велес, ќе го изложи уметничкиот проект „Зошто“. Иницијалната идеја на овој тримесечен партиципативен перформанс, со елементи на социјално-политичко структурирање, уметникот ја почнува уште во 2016 година, во пресрет на парламентарните избори.
– Ова не е политички проект, туку ликовно дело што има директна врска со еден изборен циклус. Делото го реализира три месеци пред парламентарните избори во 2016 година, а заврши два дена пред тогашните избори.

Секој ден во 18 часот, во Младинскиот парк во Велес, отпечатено на бела хартија во А4-формат, поставува прашање, кое во текот на реализацијата опфаќа две проблематики, и тоа: влијанието на општествено-политичката состојба врз културата низ погледот на уметникот и влијанието на политичката состојба врз неговата уметност, егзистенција, интегритет и семејство – најавува организаторот.

Во рамките на перформансот, кој ќе се одржи два дена пред парламентарните избори, ќе бидат изложени дневни весници, 91 прашање и 91 примерок од книгата „Зошто“ (сублимат од перформансот, отпечатена во 2020 година), како линија во отворен простор долга 27,3 метри.
Со оглед на светската здравствена криза, авторот инсистира учесниците да се придржуваат до мерките и препораките од СЗО и Владата.