Перформансот „Скопје-Варшава… со љубов виа Малух“ вечерва на „МакеДокс“

73

Со проекцијата на филмот „Над возможното“ (Полска, Германија, Финска) на Марта Прус вечер во Куршумли ан, во рамки на 9. МакеДокс ќе биде отворена програмата на земјата во фокус – Полска.

Пред почетокот на филмската програма ќе биде изведен перформансот „Скопје-Варшава… со љубов виа Малух“ според концептот на Владан Царичиќ – Цар.

„Пегличката“ (Фиат 126, или Малух) годинава е еден од заштитните знаци на „МакеДокс“. Сместена е на почесно место во Куршумли-ан и спремна да ги пренесе пиктограмите – пријателските пораки од Скопје за Варшава.

– Цар и докуникулците на „МакеДокс“ креираа пиктограми на самолеплива фолија во црвена и бела боја и на перформансот ќе ги залепат на каросеријата од „Пегличката“. Автомобилот е натоварен со кромид, симболот на „МакеДокс“, и така е спремен да ги понесе визуелните и мирисливи пораки на Патувачкото кино за Варшава. По завршената мисија, „Пегличката“ ќе му биде подарена на Музејот на современата уметност во Скопје, кој е изграден по проект на полски архитекти и претставува најмаркантен знак на полско-македонското пријателство, наведуваат организаторите на фестивалот.

Деветто издание на „МакеДокс“ вчера беше отворено со проекцијата на документарните филмови „Вај Фај плаза Куба“ (Швајцарија, Куба, Шпанија, 2017, 3 мин.) на Андријан Келтерборн, „Кеди“ (САД, 2016, 79 мин.) на Сејда Торун, со изложбата на фотографии на стаклена плоча „Лицата на МакеДокс“, кои со „мокар колодиумски процес“ ги направи Сашо Н. Алушевски, и со концертот на „Џими Барка Експириенс“.

На отворањето на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој ќе трае до 23 август во Куршумли ан, на платото пред Музеј на Македонија и во Музејот на современата уметност во Скопје, синоќа се обрати Павле Игновски, директор на „МакеДокс“. Тој изрази задоволство за бројната публика, која му одолеа на дождот, а особена благодарност упати кон Културниот центар „Јунус Емре“ и Република Турција што и оваа година одобрија „МакеДокс“ да биде во своето гнездо – Куршумли ан.

Петра Селишкар, селекторка на Главната програма на „МакеДокс“ изјави дека  Фестивалот, но и Патувачкото кино на ’МакеДокс‘ годинава се фокусираат на екологијата, но не само во однос на чистењето на светот околу нас, туку и на светот во нас.

– Овие идеи беа пресликани во фестивалскиот каталог, кој е направен од рециклирана хартија што тимот на ’МакеДокс‘ и подмладокот ’Докуникулци‘ ја собраа заедно со остатокот ѓубре за време на еко-акциите на Патувачкото кино на Струшкото крајбрежје. Се надеваме дека овие осум дена ’Македокс‘ ќе го обои вашето лето во нова боја“, рече Селишкар.

Отворањето на деветтиот „МакеДокс“ траеше до доцна во ноќта со концертот на „Џими Барка Експириенс“.

Мото на деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е „Реалноста режира, ние правиме филмови“ со што тематскиот фокус на фестивалот е ставен на режијата во документарниот филм. Прва активност на вториот фестивалски ден денеска беше почетокот на работилницата на Пирјо Хонкасало, која до 19 август ќе се одржува во Музејот на современата уметност, со поддршка на македонскиот деск на МЕДИА на програмата „Креативна Европа“.

Деветтото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на РМ, Програмата МЕДИА на Креативна Европа, Фондацијата за развој на демократијата од Вашингтон (National Endowment for Democracy) и Град Скопје.

Партнери на „МакеДокс“ се „Петра Пан“, „Кино Култура“, Младинскиот културен центар и Кинотеката на Македонија.