„Панта Реи“ – изложба на уметникот Бојан Ковски

279

Во четврток, 14 ноември, во галеријата Акантус ќе биде отворена изложба на Бојан Ковски. Официјалното отворање на изложбата ќе започне во 20 часот и ќе биде достапна за посетителите до 7 декември.

Бојан Ковски е академски сликар, кој своите студии ги има завршено на Факултетот за Ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, генерација 2011-2015, под менторство на проф. Антони Мазневски.

Во своето портфолио Ковски има неколку самостојни и групни изложби и перформанси. Во неговите дела се изразува со слики масло на платно, како и боди пеинт перформанси.

Оваа прва поголема изложба Ковски ја работеше во изминатите три години, а во неа ќе бидат вклучени 16 дела.

Во претстојната изложба, Ковски ја разработува формата на човечкото тело и природата, коишто претставуваат константен тек и перцепција на човечката визуелизација. Делата во „Панта Реи“, преку теми од римската, грчката и вавилонската митологија отсликуваат сродни случувања низ различните предели од земјата коишто се сплотуваат во една кохерентна целина.