„Панта реи“ – изложба на Бојан Ковски

98

В четврток, 14 ноември, во галеријата „Акантус“ ќе биде отворена изложба на Бојан Ковски. Официјалното отворање на изложбата ќе почне во 20 часот, а за посетителите ќе биде достапна до 7 декември.

Бојан Ковски е академски сликар, кој своите студии ги има завршено на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, генерација 2011-2015, под менторство на проф. Антони Мазневски. Во своето портфолио Ковски има неколку самостојни и групни изложби и перформанси. Во своите дела се изразува со слики масло на платно, како и со бодипејнт-перформанси. Оваа прва поголема изложба Ковски ја работеше во изминатите три години, а во неа ќе бидат вклучени 16 дела.

На претстојната изложба Ковски ја разработува формата на човечкото тело и природата, кои претставуваат константен тек и перцепција на човечката визуализација. Делата во „Панта реи“, преку теми од римската, грчката и вавилонската митологија, отсликуваат сродни случувања низ различните предели од земјата, кои се сплотуваат во една кохерентна целина.