Охрид е македонско огледало на европската култура

274

Романските уметници Елена Мошуц и Калин Братеску, во придружба на уметниците од Македонската филхармонија, предводени од маестро Николае Молдовеану, завчеравечер на Античкиот театар го отворија годинашното издание на „Охридско лето“

Со најпознатите италијански и француски арии за сопран и тенор, во изведба на романските уметници Елена Мошуц и Калин Братеску, во придружба на уметниците од Македонската филхармонија, предводени од маестро Николае Молдовеану, завчеравечер на Античкиот театар беше отворено годинашното издание на нашата најголема и најреномирана музичко-сценска манифестација „Охридско лето“. Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој ја искористи можноста на уметниците што ќе бидат дел од фестивалската магија да им посака кога ќе заминат, со себе да ги понесат сеќавањата на Охрид како македонско огледало на европската култура.

– Музиката и уметноста секогаш му помагале на човекот, и кога е слаб да биде силен, и кога е сиромашен да биде богат, и кога е во пранги да биде слободен, и кога е исплашен да се охрабри. Во тој јазик на вистината нема простор за лагата. Во тој јазик на љубовта нема простор за омразата. Впрочем, и двете најпознати песни во историјата на светот се посветени токму на љубовта. Песната над песните, напишана од старозаветниот Соломон, и химната за љубовта составена од новозаветниот Павле – рече Иванов.
Свое обраќање пред публиката имаше и министерот за култура Асаф Адеми.
– Велат дека јазикот е измислен од човекот за да ги искаже своите чувства, но реално го употребува повеќе за да ги скрие, да лаже, да убие. Само во јазикот на уметноста сѐ е искрено, чисто, божествено. Да уживаме во овие месеци на универзалниот и божествениот јазик на уметноста и да се просветлиме малку во овие времиња кога ни е најмногу потребно. Драги уметници, сцената е ваша, донесете ни ги убавото и возвишеното во нашите животи – порача Адеми.

Во име на учесниците на фестивалот, уметничката порака ја пренесе актерот Никола Ристановски, кој рече дека уметноста нема да го спаси светот, оти сите нејзини музи веројатно не можат да го направат многу подобар ниту многу поправеден животот во него, но истовремено забележа дека животот без уметност е многу потежок.
– Уметноста нема да се предаде. Таа е последната хумана интернационала. Нејзината палуба е последното место каде што навистина сме заедно. На нејзиниот кораб се распнати едрата на убавината, дарбата, прозрачноста, слободата и едноставната верба – рече Ристановски.
Повеќе од 800 уметници од 27 земји од целиот свет наредниот месец и половина ќе музицираат, глумат, создаваат уметност на неколкуте фестивалски сцени во Охрид. Во текот на претстојните фестивалски вечери, „Охридско лето“ ќе донесе совршен спој на музиката, театарот и воопшто на уметноста, а Охрид од вечерва до 20 август ќе биде центар на светските уметнички дострели, обединувајќи ги музиката и театарот во трајни аудиовизуелни импресии.