„Охридско лето“ стожер на македонската култура

157

Сцената на Античкиот театар, на која вечерва ќе блесне уште една музичка
ѕвезда – светската виолинистка Ванеса Меј, во досегашната импозантна 59-
годишна историја ги видела или слушнала некои од најзвучните имиња во светот на музичката класика: Зубин Мехта, Енио Мориконе, Хозе Карерас, Џеси Норман, Михаил Плетњов, Гидеон Кремер, Вадим Репин, Најџел Кенеди, Мстислав Ростопович, Максим Венгеров, Џулијан Рахлин, Хенрик Шеринг, Елена Обраскова, Катја Ричарели, Кшиштоф Пендерецки… Ваквите настапи сѐ уште го одржуваат високото реноме, кое најстариот музички фестивал во Европа го има уште од далечните седумдесетти-осумдесетти години од минатиот век, кои сѐ уште важат за златни во неговата блескава историја. Долгогодишното опстојување на оваа манифестација упатува на една голема традиција, која извира од градот Охрид, духовната престолнина на Македонија, па оттука и фестивалот, кој е уште еден негов знак за препознавање, сосема со право важи за столб на македонската култура и стожер на нашата традиција. Во далечната 1961 година на 4 август, под чудесните сводови на преубавата катедрална црква „Света Софија“, беше означено раѓањето на манифестацијата, со настап на оперската певица Ана Липша-Тофовиќ. На овој прв концерт прозвучи магичниот глас на првенката на Македонската опера, со што се зароди манифестација од светско значење, започна приказната што подоцна беше наречена „Охридско лето“.

Една од доајенките на фестивалот, Милка Ефтимова, за „Нова Македонија“ со задоволство говори за фестивалот, истакнувајќи дека тој и натаму заслужува големо внимание поради своето огромно значење за културата и уметноста во земјава и во странство. Таа изразува надеж дека сегашното негово раководство ќе го задржи, но и понатаму ќе работи на подигање на заслужениот висок рејтинг.
– Многу сум среќна што сум единствената од сите уметници што на овој фестивал настапила 20 пати и што имав можност да бидам меѓу многуте врвни солисти од светот што придонесоа тој да се вброи меѓу најдобрите. Сум настапувала со разни диригенти од земјава (Фимчо Муратовски, Ангел Шурев), со диригенти од странство, со хорови од Белград, Букурешт, од различни земји. Доживеав значајни концерти, но и голема чест во 2002 година, со тогашната селекторка на музичката програма Гордана Јосифова-Неделковска, да го отворам тогашното фестивалско издание, а во 2014 година и 54. „Охридско лето“ со поранешниот претседател на државава Ѓорге Иванов. Настапував со уживање на сцените на Антички театар, во Долни Сарај, во „Света Софија“, а првиот концерт на „Охридско лето“ го имав со пијанистката Лилјана Копачкова – вели Ефтимова.

Во првите фестивалски години во програмскиот концепт преовладуваше непосредната врзаност на „Света Софија“, како незаменлив простор за камерно музицирање, станувајќи притоа сѐ попривлечна за многу уметници и ансамбли. Фестивалот стануваше привлечна дестинација за уметници со високо реноме, легендарните Леонид Коган (руски виолинист, најдобар во светот во тоа време) и Андра Навара (виолончелист од Франција, исто така еден од најдобрите во светот). Фестивалот стануваше сѐ поинтересен и побогат за гостите и за публиката. Во 1970-тите и 1980-тите продефилираа многу уметници и ансамбли, од кои, покрај домашните од тогашната Југославија, и многу светски реномирани имиња, чие учество придонесе за уште поголема афирмација: Мстислав Ростропович, Алдо Чиколини, Гидон Кремер, Руџеро Ричи, Виктор Третјаков, Хенрик Шеринг, Салваторе Акардо, Елена Обрасцова, Катиа Ричарели, Викторија Де лос Анхелес, Максим Венгеров, Вадим Репин, Џулиан Рахлин, Иво Погорелиќ, кои придонесоа за натамошниот раст и афирмацијата на фестивалот.

Во тие години, како што сѐ повеќе се зацврстуваше физиономијата на музичкиот дел од програмата, паралелно со тоа се почувствува и потребата од истото тоа за другиот програмски сегмент – театарот. Во првите години на фестивалот се почна со гостувањето на домашните театри (македонските), со претстави од нивниот репертоар, за подоцна и овој програмски сегмент да ја доутврди својата физиономија и фестивалот да стане примамливо собиралиште за многу гостувачки театри од светот. На сцените во предворјето на „Света Софија“, Долни Сарај, Самуиловата тврдина, „Св. Наум“, Сараиште, Плаошник се остварија театарски проекти за паметење по текстови на домашни драмски автори и светски класици како Шекспир, Чехов, Молиер, Гогољ, Брехт, Нушиќ, или пак старогрчките Софокле, Еврипид, Аристофан…

– Македонија преку уметничката меморија на „Охридско лето“ е светска уметничка сцена, која ја промовира идејата за човековата надеж и Бруковата премиса дека уметноста ќе го спаси светот. Мојот живот е врзан за овој фестивал, бидејќи првата професионална претстава „Ништо без Трифолио“ од Русомир Богдановски, во режија на Слободан Унковски, во продукција на Македонскиот народен театар, ја одиграв токму на сцената во предворјето на „Света Софија“, на 17 јули 1986 година. Оттогаш секоја година или имам премиера, со различни продукции, или настапувам со веќе создадени претстави на различните локации во градот, кој стана дел од моето срцебиење. А можноста да се биде дел од тимот, кој во последниве 59 години со голем ентузијазам и внимателно го гради овој бастион на уметноста, е привилегија – вели актерот Ѓорѓи Јолевски, чие десетгодишно раководење со драмската програма на „Охридско лето“ му овозможи да ги оправда и потврди своите стремежи за постојана потрага по нови форми на театарско изразување и тие откритија да ги сподели со фестивалската публика, уживајќи во новото и убавото.

Тој заедно со големите творци на македонската уметност и театар, како што се Матеа Матевски, Ѓорѓи Старделов, Благој Стефановски, Иван Иванов, Љубиша Никодиновски, Љубиша Георгиевски, Благоја Иванов, Петре Бакевски, Сенко Велинов, Томе Арсовски, Ацо Поповски и други, голем дел од својот живот посвети токму на создавање, одржување и надградување на фестивалот, кој по својата големина и значење е најважниот фестивал во Македонија и пошироко.

– Потребно е во исто време да се има голема чест кон традицијата, желба и умешност да се градат мостови помеѓу културите на различните народи, сознание за современите текови во уметноста и, се разбира, визија за иднината и струењата на светската уметничка сцена – вели Јолевски.

Тој нагласи дека од 17 јули 1964 година, кога првпат е одиграна театарска претстава на фестивалот, до денес, Охрид е домаќин на најдоброто од светскиот театар и преку отворените сцени во предворјето на „Света Софија“, Античкиот театар, Долни Сарај, дворот во училиштето „Свети Климент“, изворите на Свети Наум, малата сцена на музејот на вода, Самуиловата тврдина и домот на културата „Григор Прличев“, илјадници претстави и уметници продефилираа и ги претставија својата култура и театарска естетика пред фестивалската публика.

– Режисерски имиња што ги менуваа светот и поимањето на театарот, како што се Питер Брук, Томаж Пандур, Александар Морфов, Душан Јовановиќ, Ан Петерсон, и театарски продукции како „Ла ,ама“ од Њујорк, „Вера Комесержевска“ од Санкт Петербург, „Камери театар“ од Тел Авив, „Сфумато театар“ од Софија, националните театри од Букурешт, Љубљана, Белград итн. и илјадници актери од Катар, Мароко, Велика Британија, Русија, Шведска, Израел, Америка, Ирска и др. се поклонија пред публиката, заплисната од нивната уметност. Како што се менува светот така и уметникот реагира на светот што го опкружува и создава дела што се рефлексија на тие промени. На истиот начин би требало да се менуваат и фестивалите. Задолжително е и „Охридско лето“ постојано да се менува во вистинскиот правец, привлекувајќи ги големите творци и револуционери на уметноста, и да биде домаќин, како и досега, на најзначајните и најактуелните имиња што со своите дела ја величат уметноста и го бележат мигот на своето постоење. Да живее фестивалот „Охридско лето“ – рече Ѓорѓи Јолевски.

Годинешното 59. издание почнува вечерва, во 21 часот, на обновената сцена на Античкиoт театар во Охрид, со концерт на светски познатата виолинистка, Ванеса Меј, оркестарот на Македонската филхармонија и вокални солисти од Операта. Диригент е маестро Иван Кожухаров од Бугарија, а ова е еден од 40-те најавени настани што публиката ќе има можност да ги проследи до 20 август.

– Настапот на големата уметница Ванеса Меј беше тежок за договарање на почетокот, бидејќи таа концертира во текот на целата година и термините ѝ се зафатени со месеци однапред. Успеавме да се договоривме, а Меј изрази огромно задоволство што ќе дојде, но ѝ беа познати и значењето и големината на фестивалот – вели Наташа Поповиќ, директорката на „Охридско лето“.

Годинава на програмата се најавени настапи на Денис Шаповалов, Инва Мула, Ѓорѓи Цуцковски, Дешира Крлиу, дуото Гелебешеви, на ансамблот „Дорицо“, Стефан Миленковиќ, Виолета Егорова, Александар Гаџиев и др. Отворањето на драмскиот дел е утревечер, на сцената на Долни Сарај, со претставата „Самрак на боговите“, во режија на Далибор Матаниќ, а на програмата ќе бидат претстави од домашната продукција, како и од Словенија, Хрватска, Казахстан и други земји.

– Годинешново фестивалско издание ќе го затвориме со претставата „Одисеј“ на Горан Стефановски, во режија на Александар Поповски. Заедно со овој наш светски познат режисер, кој е и селектор на фестивалот, одлучивме така затоа што сакавме да му оддадеме почит на драматуршкиот маг и човекот што ни постави многу културни патокази – Горан Стефановски. Охрид и „Охридско лето“, на овој наш најголем, неодамна починат уметник, му значеа многу, а со изведбата на „Одисеј“, ова фестивалско издание му го посветуваме нему – истакна Поповиќ.

Таа додава дека ќе даде сѐ од себе 59-то издание да биде најдоброто досега, потсетувајќи дека од една страна и самата е музичарка и веќе две децении професорка по пијано, а од друга, дека и нејзината мајка, која е професорка по флејта, е охриѓанка и ја носела како дете на фестивалските концерти во „Света Софија“, со што врската со Охрид, лулката на културата, за неа е нераскинлива.
– За мене, како директорка на фестивалот, е предизвик да се задржи неговото реноме, неговата огромна традиција, која сама по себе наметнува високи стандарди во менаџирањето и во конципирањето на програмскиот дел. Во креирањето на програмата целта ни беше да ги анимираме нашите и да донесеме врвни уметници од странство, со чии настапи ќе предизвикаме интерес кај публиката и кај туристите што во тој период се во градот – подвлекува Наташа Поповиќ.

Таа посочи дека со целосната реконструкција на сцената на Долни Сарај, финансирана од Министерството за култура, сега е проширено гледалиштето, обновени се сите 1.200 седишта, заедно со терасата на езерото, а во процесот помогнале и градот Охрид и спонзори.

– Целиот театарски фестивалски сегмент ќе се одржува таму. Сега Долни Сарај е порепрезентативен и поудобен за публиката и повеќе од сигурно е дека тоа ќе влијае на успешноста на фестивалот. Неговата програма останува 70 проценти музичка, ќе имаме повеќе од триесет настапи на солисти и ансамбли. Во тој дел заедно со селекторот, еминентниот музичар Васо Ристов, инсистиравме на музичари со богати биографии, многу настапи и многу позитивни критики. Строги бевме во селекцијата и мислам дека тоа исто така успешно ќе се одрази на годинешново фестивалско издание – укажа Поповиќ.

Новина се туристичките водичи за уметниците што покажуваат интерес за културното наследство на Охрид, кои ќе располагаат и со податоци за природните реткости и за самото езеро. Задоволна од реализацијата и приемот кај публиката на петте концерти и една работилница, кои исто така како новина фестивалот ги организираше надвор од летниот термин во Охрид и во Скопје, директорката најави дека дисперзијата на таквите настани ќе продолжи и понатаму.

– Во Европската фестивалска асоцијација бевме рангирани на високото трето место, што е доказ дека сме на вистинскиот пат во меѓународната афирмација на фестивалот – рече Поповиќ и потсети дека идната година Охрид ќе биде домаќин на Генералното собрание на истата асоцијација, а фестивалот ќе одбележи голем јубилеј – 60 години постоење.