„Охридско лето“ приреди концерт за четирирачно пијано

31

Различни композитори и различни музички стилови на едно пијано донесоа рускиот пијанист Илја Максимов и неговата партнерка Јулија Коќубан од Полска на фестивалот „Охридско лето“. Програмата на руско-полското дуо-пијано ја опфати „Сонатата за четирирачно пијано“ од Моцарт, „Малата свита“ од Дебиси, а ја изведоа и композицијата „Шест пиеси“ од Рахманинов.
Максимов-Коќубан првпат се во Охрид и на фестивалот „Охридско лето“ и, како што велат, иако прочитале за убавините со кои ќе се сретнат, сепак, откако дошле виделе дека градот е уште поубав кога ќе се посети.
– Ова е нашиот прв настап на „Охридско лето“. Бевме многу возбудени што доаѓаме бидејќи многу читавме за Охрид. И морам да кажам дека нашите очекувања беа многу пониски отколку реалноста. Ова место е восхитувачко. Кога првпат стапнавме во црквата „Света Софија“ ги почувствувавме таа прекрасна енергија и атмосфера – вели Максимов.

Иако настапуваат како дуо, рускиот пијанист Илја Максимов и неговата животна и музичка партнерка, Јулија Коќубан, зад себе имаат и самостојни музички кариери.
– Да се свири на едно пијано за четири раце е поразлично и има голема варијабилност на камерната музиката. Ние обично свириме посебно како пијано-дуо и ова ни е прв концерт во странство на кој свириме со 4 раце. Но бидејќи сме венчани и го делиме животот и свирењето е полесно со пијано за четири раце – вели Јулија, една од водечките пијанистки на нејзината генерација.

Нејзиниот деби-албум „Шуман, Шопен, Бацевич“ е оценет од музичката критика како еден од најинтересните полски деби-албуми во последните години, а последното ЦД со клавирските концерти на Тансман и Бацевич е номинирано за највисоката наградата во полската музичка индустрија- „Фредерик“. Илја Максимов е победник на интернационалниот натпревар „Ж. Б. Виоти“ во Италија. Неговиот широк репертоар ги покрива делата од раната класика па до модерните композитори, а делата на руските композитори секогаш имаат посебно место во неговата концертна кариера.