„Охридско лето“ во знакот на еврејската музика

98

Предворјето на црквата „Света Софија“ беше совршен амбиент за настап на дуото „Австрија“, во состав Тимна Брауер, вокал, и Елијас Меири, гитара и клавијатури. Двајцата австриски уметници со израелско потекло на публиката ѝ ја доловија еврејската музика, но и дел од традиционалната музика на Евреите. За нивната изведба беа наградени со долги овации.

Тимна Брауер, која магистрирала музикологија на престижната „Сорбона“ во Париз, вели дека првпат настапува на „Охридско лето“ и е задоволна од флуидот што го воспостави дуото со публиката на фестивалот.
– Моите импресии се огромни, особено кога настапувам на место каде што не сум била никогаш досега. Ме радува што имав можност да ги пренесам мојата енергија и чувствата на публиката. Кога настапуваме во Источна Европа, го чувствуваме близок регионот, бидејќи балканската и еврејската музика имаат многу сличности. Тоа ме прави овде да се чувствувам како да сум дома, иако настапив првпат. Ја почувствував цврстата врска со публиката – вели Брауер.

Најголемиот дел композиции беа изведени на еврејски јазик, но се пееше и на јудејско-еврејски јазик, карактеристичен за Евреите што живеат во Европа.
– Изведовме традиционална еврејска музика, но не само европска туку и ориентална. Она што е за одбележување е што земаме фолклорни елементи и ги преработуваме, особено со пијанистот Елиот, кој е џез-музичар, и правиме добра обработка на делата – додава Брауер.

Дуото „Австрија“ е формирано во 1985 година и досега настапувале на концертните сцени низ целиот свет. Изведуваат светска музика, шансони, детски концерти, но, пред сѐ еврејска музика, со целиот нејзин раскош и разновидност. Нивниот последен заеднички проект е цедето со наслов „Песни за мир“, издадено од „Дојче грамофон“ во 2015 година. Концертот на дуото „Австрија“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“ беше поддржан од австриската амбасада во Македонија, а присуствуваше и австриската амбасадорка Ренате Коблер.