Откорнато од душа

100

На почетокот на 19 век во лавиринтот од улички во Алфама (четврт во Лисабон) се живеело скромно и тажно. Жалта за морнарите што никогаш не се вратиле дома, оплакувањето на сопствената судбина и копнежот по никогаш доживеаната благосостојба го обојувале секојдневието. Лелекот често звучи како музика, така било и во Алфама. И кога на тој лелек од (претежно) женски гласови своја потпора и хармонска придружба ѝ дала 12-жичената португалска гитара, се родила нова музика, нов жанр – фадо. Основата на фадото е тесно поврзана со блузот и со соудадата, термин што во слободен превод означува носталгичен копнеж. Фадото испраќа длабока емотивна порака во која се испреплетуваат тагата, каењето, осаменоста, меланхолијата. До крајот на векот, фадото станува музика со која се идентификува секој што во себе носи нешто недоречено, станува фон на животот во работничките населби, станува заштитен знак на Португалија, нејзино волшепство. На 20-годишнината од смртта на најголемата и најзначајната фадо-пејачка, Амалија Родригез (1920-1999) фадото се лелее насекаде, како таа да е уште тука, како да е уште жива.

Зашто таа го закитила фадото со светска слава, од осенчените дворови на Алфама му го дала, како подарок, на светот. Нејзиниот глас станал гласот на фадото, а фадото – нејзина судбина и нејзина заоставштина. Светот ја знаел како „Кралица на фадото“, никој друг не умеел толку силно да ги пренесе емоциите, нејзиното пеење било откорнато од душа. Низ кариерата долга педесет години таа соработувала со многу познати поети и композитори, настапувала во најпрестижните концертни сали низ светот, оставила свој белег и во Холивуд, продала 60 милиони плочи. Нејзината смрт била оплакана со тридневна национална жалост, а кога во 2001 година нејзините останки биле пренесени од гробиштата Празери во националниот Пантеон, река од илјадници вљубеници во фадото, загрнати со црни шалови (омилениот моден додаток на Кралицата) со ламентација ја испратила во вечниот спокој. Весникот „Економикс“ по тој повод напишал дека ниту Марија Калас, ниту Френк Синатра не биле испратени со толку грандиозна и тажна поворка.

Лада Шоптрајанова Петровска