Отворен „Малиот битолски Монмартр“

57

Синоќа во Старата битолска чаршија со спектакуларен огномет, свечено беше отворено 38-мото издание на “Малиот битолски Монмартр”. Ни големото невреме и поројниот дожд не ги спречи големиот број вљубеници во детското ликовно творештво да присуствуваат на свеченото отворање.

Ентузијазам, креативна енергија и гости од повеќе земји од светот, ја исполнија Старата битолска чаршија, која беше исполнета со над стотина учесници на годинашната колонија.

До 30 мај, Битола ќе биде најголемото атеље на светот. Инаку, на меѓународниот конкурс „Битола 2019”, годинава пристигнаа 15.771 цртежи, од 337 училишта, од 35 земји од светот. Наградите на младите ликовни творци кои дојдоа во Битола, им ги додели градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска, која оваа година, „Малиот битолски Монмартр” го поддржа со 200.000 денари, што всушност претставува најголемата досегашна поддршка која оваа меѓународна манифестација ја добила од општина Битола. Над 4 пати зголемената поддршка за “Малиот битолски Монмартр” е во насока на поттик на визијата за понатамошен развој на манифестацијата која е бренд на градот и негов промотор во светски рамки.

– „Малиот Битолски Монмартр” е бренд на Битола. Тоа е нешто што репрезентативно ја претставувало Битола години наназад. Тоа е манифестација на која доаѓаат многумина и тоа дечиња од различни страни на светот, го исполнуваат со топлина нашиот град и дефинитивно манифестација на која што не само оваа година, туку и следните години во многу подобра кондиција треба да дадеме поддршка на оваа манифестација, на ова величествено збиднување во нашиот град, за кое што исто така поддршка даваат и јавните претпријатија – изјави градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска, на свеченото отворање на 38-мото издание на “Малиот Битолски Монмартр”.

Инаку наградата „Гран при 2019”- „Симпли арт”, им беше доделена на учесниците од Хонг Конг – Кина.

М.М.