Отворени 46. Мајски оперски вечери

1514

Со звуците на Триумфалниот марш од Вердиевата „Аида“ и со традиционалниот фестивалски оган кој вечерва го запали првенката на Операта Весна Ѓиновска-Илкова, во Македонската опера и балет свечено беа отворени 46. Мајски оперски вечери. 

Пред почетокот на првата претстава од програмата – премиерата  „Боеми“ од Џакомо Пучини, во фоајето на МОБ се обрати премиерот Зоран Заев. Настанот го поврза со Денот на Европа и рече дека како домаќин на гости од повеќе земји од регионот и Европа, фестивалот испраќа силна порака за здружување на различностите.  

– Цело е кога има се, а културата го знае најдобро тоа што политиката се обидува да го прави – да зближува, да разбира, да почитува, да негува, да гради мостови на пријателства, на доверба и на иднина. Затоа, мојата порака е: да слушнеме што воспеваат Мајските оперски вечери од Скопје, што не прави достоинствени – тоа е непроценливото богатство на различностите споени во едно. Тоа е нашата заедничка европска иднина, истакна претседателот на Владата прогласувајќи го фестивалот отворен.

Мајските оперски вечери со сите подеми и падови во речиси половина век постоење сепак успеаја, рече Заев, да останат верни на својата базична идеја за космополитизам.  Таа своја одлика Вечерите ја имаат и на годинашното издание зашто во програмата учествуваат уметници од Бугарија, Австрија, Италија, Босна и Херцеговина…

Годинава фестивалот е во знакот на 160 години од раѓањето на Пучини и се одржува под мотото „Го славиме Пучини“. Операта „Боеми“ се враќа на сцената на МОБ по пауза од 11 години. Режисер на обновената премиера е Дејан Прошев, диригент Џанлука Мартиненги од Италија. Во улогите се 12 оперски солисти, а настапува хорот и оркестарот на МОБ.

Оваа опера на Пучини во четири чина е по либрето на Луиџи Илика и Џузепе Џакоса кое се базира на романот „Животот на боемите“ од Хенри Мургер. Во сижето е трагична љубовна приказна во Париз на крајот на 19 век. Светската премиера на „Боеми“ била во Торино во 1896 година. „Боеми“ во Македонската опера и балет првпат е изведена во 1950-та, а прва изведба на Мајските оперски вечери имала во 1999 година.

В.д директорот на МОБ Ќазим Асотиќ на отворањето рече дека новата премиера „Боеми“ е целосна продукција на МОБ. – Сите перики, костими, декор и реквизити беа изработени во нашите работилници и од наши мајстори, што е огромен успех за нашата куќа, рече Асотиќ. Сценографијата е на Зоран Николовски, костимограф е Марија Пупучевска.

До крајот на месецов на фестивалот ќе бидат изведени уште четири опери – „Тоска“ и „Турандот“ од Пучини,  „Змејот од Босна“ (гостување на повеќе од сто учесници од Националната опера на Босна и Херцеговина) и „Аида“ од Џузепе Верди на затворањето на 31 мај. Ќе има и два гала-концерта – „Балетски бисери“ и „Пучини&Росини“, како и придружна програма со изложби и промоции на книги.