Осумдесет и осум клавиши

670

Некаде околу 1700 година италијанскиот градител на харпискорди Бартоломео Кристофори го создал првиот инструмент со клавиши на кој можеле да се добијат динамички нијанси од пијано до форте. Оттаму е првичниот назив „гравичембало пијанофорте“, подоцна скратен во „пијанофорте“, денес познат како пијано или клавир. Пијаното е најчесто изучуваниот инструмент на светот (само во САД околу 18.000.000 луѓе свират пијано), а исто така е и инструмент за кој се напишани најмногу композиции. Модерното пијано е изработено од над 12.000 дела од кои 10.000 се подвижни. 230 жици се поставени во внатрешноста на корпусот, а вкупниот притисок врз нив е околу 30 тона.

Звукот се добива така што клавишите на клавијатурата придвижуваат мали дрвени чеканчиња обложени со филц, тие удираат по жиците и волшепството почнува. Најпознатиот градител на пијана веќе 165 години е фирмата „Стејнвеј“, нивните инструменти се најдобрите и најквалитетните. Но приматот на најскап на светот го има концертниот клавир изработен специјално за отворањето на Олимписките игри во Пекинг 2008 година. Дизајниран од канадскиот производител „Хајцман пијанос“ и изработен од стакло, овој раскошен инструмент прв го оживеа кинескиот виртуоз Ланг Ланг.

По завршувањето на Олимпијадата кристалниот клавир е продаден на аукција за 3,2 милиони долари. Најдолгото, пак, пијано на светот е направено од 25-годишниот Новозеланѓанец Адријан Ман во 2014 година. Тој 4 години работел на создавањето на грандиозното пијано долго 5,7 метри и тешко 1,4 тон. Не случајно пијаното е наречено крал на инструментите. Тоа е единствениот инструмент на кој истовремено се свири и мелодија и придружба. Распонот меѓу 88-те клавиши е седум октави плус мала терца. Најнискиот тон – супконтра ла – е понизок од најнискиот тон на контрафаготот, а највисокиот – до од петтата октава – е повисок од највисокиот тон на пиколото, па, така, пијаното опфаќа регистар поголем од оној на симфонискиот оркестар. Навистина е крал.

Лада Шоптрајанова Петровска