„Осми повереник“ победник на „Бич филм фестивал“

85

Првото издание на фестивалот одржан на плажата Оревче го покажа богатството на новиот европски филм

Хрватскиот филм „Осми повереник“ на режисерот Иван Салаја доби награда за долгометражен игран филм на првото издание на „Бич филм фестивал“ („Beach Film Festival“), кој од 19 до 22 јули се одржуваше на плажата Оревче во Охрид. Жирито во состав Весна Дамчевска, Јелена Јованова и Марјан Алчевски наградата за краткометражен игран филм му ја додели на „Реди ту гоу“ („Ready to go“), а награда за краткометражен анимиран филм на филмот „Монахот“ во режија на Жарко Иванов.

– Првото фестивалско издание го покажа богатството на новиот европски филм. Гледавме пет долгометражни и десет краткометражни филма, кои претставуваат сосема разновидни жанровски, естетски и авторски пристапи во современата продукција. Затоа одлуката беше тешка, бидејќи многу од овие дела тешко можеме да ги споредуваме со другите наслови од официјалната конкуренција – истакнуваат членовите на жирито во одлуката за наградите.

Кадар од „Осми повереник“

Тие им честитаат на сите автори и на нивните соработници, изразувајќи наедно и благодарност за привилегијата да учествуваат во фестивалот.
– Победникот на првиот „Бич фил фестивал“, „Осмиот повереник“, не е типичен европски филм. Иако е авторски филм, не е претенциозен. Многу локален, а всушност универзален филм, кој е снимен и се гледа со срце. Храброста на авторот да адаптира домашен роман ни донесе дело што заслужува фестивалска награда иако не е создаден да ги следи фестивалските трендови.

Добитникот на наградата за краткометражен игран филм „Реди ту гоу“ покажува колку баналното може да биде битно кога авторот знае точно што твори и зошто. Кога филм за тагата не е тажен, кога целата драма е во единствениот лик и кога сакаш и да се смееш и да плачеш, тогаш наградата е сосема заслужена. Од извонредната актерска игра, преку прецизноста на сценариото и режијата, до емотивниот удар на крајот на филмот – сѐ е токму така како што мора да биде во извонреден краток филм, стои во одлуката за двата филма.

– Иновативноста на аниматорската постапка што совршено резонира со темата и атмосферата на овој краток анимиран филм, го издвојува од останатите во конкуренцијата. Преку вешто користените симболи и успешното поигрување со религиски мотиви, ни дава увид во човековата природа. Уметнички филм што прекрасно ги разоткрива и уметничкиот процес и уметничкиот порив – вели жирито за добитникот на наградата за краткометражен анимиран филм, филмот „Монахот“.
Првото издание „Бич филм фестивал“ собра голем број публика, која доби можност и да ужива во филмските проекции на познатата плажа Оревче, но и во првата проекција на филм на брод во земјава.