Орхан Чебраилоглу -Мојата рефлексија од Македонија

74

Познатиот и харизматичен ликовен уметник од Турција, Орхан Чебраилоглу ја воодушеви кавадаречката публика која вчера попладне имаше можност да го проследи ликовниот перформанс во паркот во центарот на градот.

Обединувајќи ги музиката танцот и ликовната уметност Орхан Чебраилоглу кој учествува на годинашнава меѓународна ликовна колонија „Кавадарци- Михајлово 2018“ многу успешно својата уметност и непосредниот чин на создавање на ликовно дело го сподели со бројната публика и учесниците на ликовната колонија под отворено небо. Во самиот перформанс зедоа учество младите танчерки од студиото „Венус“ и моторџиите на „Тиквеш-Рајдерс“. Своето ликовно дело   уметникот од Турција го наслови „Мојата рефлексија од Македонија“ покажувајќи неверојатна енергија и силна експреција во брзите потези и необични ритуали во создавањето на ликовното дело.

Она што ја одушеви публиката беше неговиот танц со боите. Тој со ритуални потези се одалечува од делото и по флеш перцепцијата со брзи потези се враќа и се втурнува во боите, истовремено експериментира и истражува се додека не ја добие бараната нијанса. Користи многу бои, лепеза од најразлични четки, слика со рацете и нозете создавајќи многу верзии во самиот процес забележани од бројните фотоапарати и камери. Орхан Чебраиологлу на ликовната јавност во светот е познат по своите перформанси во кои покрај ликовниот елементи ги обединува музиката и танцот. Досега има реализирано бројни перформанси во Европските метрополи во Америка и Азија. Последниот перформанс го изведе на Менхетен во Њујорк. Моментало работи како професор на Ликовната академија во градот Конија во Турција. Учесник е на повеќе ликовни работилници, одличен портретист и автор на познатиот портрет на Кемал Ататурк на коњ.

Ми. М.