„Орестија 1/4“ го истражува местото на хорот во античката драма

258

Премиерна изведба и прва реприза на претставата „Орестија 1/4“ ќе се одржат вечерва и утревечер во МКЦ. Претставата е дел од „Хорус проџект“, поддржан од Креативна Европа, во копродукција на МКЦ – Скопје, „Апстарт театар“ од Лондон, „Патос“ од Минхен и театар „Ам ленд“ од Грац. Претставата „Орестија 1/4“ е, всушност, вториот дел од трилогијата „Надгробно жртвување“.

– „Орестија“ на Есхил е една од најважните антички трагедии и единствена зачувана трилогија. Првпат е изведена во 458 година пр.н.е., само две години пред смртта на Есхил, кој умира на Сицилија не за да го шири урнекот на грчката трагедија туку, конкретно, во политички егзил, зашто со пишувањето на „Орестија“, каде што на крајот му се суди на синот што ги убил мајка си и нејзиниот љубовник, првпат се зборува за еден важен момент во грчката историја: основањето на Аеропагот, тело што може донесува политички одлуки, во случајов дали политичките убиства се оправдани. Драмската предлошка користи материјали од сите три дела, но најмногу од „Надгробно жртвување“, конструирана на таков начин каде што исти текстови им припаѓаат еднакво на Агамемнон, Клитемнестра и Огист, односно Електра и Орест, со стихови од античкиот хор, за да ја истакнат репетитивноста на моќта на владејачката класа што како вирус си го обезбедува владејачкото право во моментот кога ѝ е загрозено – вели Билјана Крајчевска, драматург на претставата.

Режисерот Ивица Димитријевиќ во претставата го поставува прашањето дали демократијата не е можна во еден систем каде што нема базични постулати на владеење на правото, при што моќта на владејачката класа е неограничена.
– Народот мора да се бори да се воспостават тие постулати, или да им се придружи. Дотогаш, до моментот кога ќе нема да имаме одговорност, нема да имаме демократија. Исто така, не можеме да зборуваме за демократија во 21 век во Европа, кога цели територии што географски ѝ припаѓаат нејзе не се дел од Унијата, како и поради фактот дека во самата Унија неолибералната логика на владеење незапирливо ги продлабочува социјалните разлики. На крајот, не е ни важно дали Орест ќе ја заколе Клитемнестра, зашто каков и да е исходот, ќе се измисли нов закон со кој владејачката класа ќе ги заштити своите интереси, исто како што се случува тоа подоцна и во Орестија – вели Димитријевиќ.

Во претставата играат Стефан Вујисиќ, Наталија Теодосиева, Жарко Јовановиќ, Драгана Лошкова и Димитрија Доксевски.

Основната идеја на „Хорус проџект“ е реобмислување на улогата на хорот во античката трагедија „Орестија“ од Есхил, во однос на денешниот социополитички и културен контекст и тоа што значи демократија во 21 век, што значи да се биде граѓанин, што значи Европа и „европската иднина“, како да се поврзат локалното и глобалното, што е индивидуалното наспроти колективното.

Иако е познато дека Орестија е трилогија, преку проектот ќе се обмисли и загубениот четврти дел, сатиричната игра. Проектот истражува како да се креира граѓански дијалог, оперирајќи на три основни нивоа: транснационално, помеѓу професионални уметници од четирите земји-учеснички; локално, помеѓу професионалните уметници и граѓаните како дел од хорот, во секоја земја поединечно; транснационално, помеѓу претставниците на хоровите од секоја земја.

Премиерната изведба на сите четири дела заедно е предвидена за МОТ во 2020 година.