Оперската претстава „Хофманови приказни“ во МОБ

109

Во сабота на 16 февруари со почеток во 20.00 часот во Македонската опера и балет ќе се изведе романтичарската опера „Хофманови приказни“ на Жак Офенбах, во која поетот Хофман ги раскажува своите вонвременски приказни за љубовта.

Либретото на француски јазик е напишано од страна на Жил Барбиер и базирано е врз три кратки приказни, напишани од страна Е.Т.А. Хофман. Како главен протагонист во операта е искористен Хофман лично. Барбиер и Мишел Кери претходно имале реализирано претстава „Хофманови приказни“, која била продуцирана во театарот „Одеон“ во Париз во 1851 година и која Офенбах ја имал гледано.

Приказните на Хофман се карактеризираат со нијанси на емоции проследени со алегориски фигури: љубов, добро и зло. Разочаран и исцрпен, Хофман се буди како од кошмар да сознае дека вистинската убавина и вистинската љубов се наоѓаат во нас.

„Хофманови приказни“, која самата по себе плени со прекрасна музика, ги следи доживувањата на боемот Хофман, но плени и со впечатлив наративен спој на настани од реалноста завиени во научно-фантастичен контекст.

Диригент – Андреа Черта (Италија), режисер – Урсула Хорнер (Австрија), сценограф – Марија Ветероска, костимограф – Марија Пупучевска, кореографи се Урсула Хорнер и Олга Панго.

Во операта настапува бројна солистичка екипа:

Хофман: Рафаел Алварез (Мексико)
Никлаус: Николина Јаневска
Олимпија: Наде Талевска
Џулиета: Марија Наумовска
Антонија: Дашира Ахмети – Крлиу
Линдорф, Дапертуто: Андреа Ѕаупа (Италија)
Копелиус, Д-р. Миракл: Ернес Ибраимовски
Андрес: Дејан Стоев
Кошенил: Јане Дунимаглоски
Питикиначо: Дејан Стоев
Франц: Јане Дунимаглоски
Лутер: Диме Петров
Спаланцани: Зоран Данилов
Креспел: Владимир Саздовски
Глас: Катерина Бошковска
Шлемил: Невен Силјановски